1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платини: ЕУРО 2020-та низ целиот континент

Александар Методијев/афп/бета30 јуни 2012

Претседателот на УЕФА Мишел Платини предложи денеска Европското фудбалско првенство во 2020-та година да се одржи низ европскиот континент, наместо во една или две земји домаќини. Тогаш е 60-годишнината од натпреварот.

https://p.dw.com/p/15Od7
Фотографија: ddp images/AP Photo/Mindaugas Kulbis

„Тој (натпреварот во 2020-та, н.з.) ќе ја одбележи 60-годишнината од европскиот шампионат. Тој може да се одржи во 12 или 13 градови низ Европа. Мене ми се допаѓа идејата и огромно мнозинство од извршниот комитет смета дека тоа е многу добра идеја“, рече првиот човек на УЕФА.

Платини праша и „зошто една или две земји домаќини да бидат обврзани да изградат 10 стадиони, аеродноми и така натаму“. „Овде би имало еден стадион по земја, по град, низ Европа. Ќе биде многу поедноставно и поевтино“, рече Платини. Тој ги отфрли сугестиите дека натрпеварот низ континентот би можел да биде скап за фудбалските фанови.

„Има ниско-буџетни авиокомпании“, рече Платини, додавајќи дека тоа можеби и ќе биде поевтино отколку патувањето меѓу градовите во овогодинешните домаќини Полска и Украина.

UEFA EURO 2012 Halbfinale Deutschland vs Italien 1:2
Изградбата на стадиони и аеродроми чини многу за земјата домаќин на Европското фудбалско првенствоФотографија: Reuters

Претседателот на УЕФА информираше дека конечна одлука за ваквата идеја нема и таа треба да се донесе во декември или, пак, јануари. Тогаш ќе се одлучи дали домаќин на европското првенство во 2020-та ќе биде една или две земји или, пак, цела Европа.

Извршниот комитет на УЕФА, кој денеска се состана во Киев, даде мандат за разгледување на предлогот. „Ќе има средби со националните федерации, по што ќе се донесе одлуката“, објасни Палтини.

Соопштувањето на ваквата идеја дојде во завршното обраќање пред новинарите, каде тој зборуваше за организацијата на овогодинешното европско првенство во Украина и Полска, кое завршува утре со финалниот натпревар меѓу Шпанија и Италија. Платини оцени дека Украина и Полска „беа на висина на задачата“ и овозможиле „извонреден турнир, кој ќе остане запамтен“.

UEFA EURO 2012 Viertelfinale Deutschland Griechenland
Платини со германската канцеларка Меркел на четвртфиналниот меч Германија - ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Европското првенство за четири години ќе се одржи во Франција, а бројот на тимови ќе се зголеми од сегашните 16 на 24. Тоа значи дека речиси половина од 53-те членки на УЕФА ќе учествуваат во групната фаза на финалето од Европското првенство.

Интерес за одржување на ЕУРО 2020 покажа Турција, но нејзината понуда зависи и од одлуката на Меѓународниот олимписки комитет за домаќинот на Летните олимписки игри таа година. Истанбул е еден од кандидатите за Олимпијадата. Но, за домаќини на Европското фудбалско првенство се заинтересирани и Ирска, Шкотска и Велс, како и Грузија и Азербејџан.