„Платениците не можат да направат раздор во ИВЗ“
9 септември 2010Поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија, реис ул улемата Сулејман Реџепи од денешната централна прослава на муслиманскиот празник Фитер - Бајрам за Македонија во новата Кади - џамија во тетовската приградска населба Мала Речица упати порака:
„Оние кои се плаќани однадвор не успеваат да внесат раздор меѓу верниците и институциите на Исламската верска заедница на Македонија. Напротив, во неа владее единство како никогаш досега“, изјави Сулејман Реџепи.
Во врска со обидите на групата обвинети за дејствување од позиции на вахабизмот и муслиманскиот радикализам, поглаварот Реџепи кажа:
„Ако мислите на поединци, кои што креваат врева одвреме-навреме заради личните и групни интереси, Исламската верска заедница се дистанцира од нив и нема ништо заедничко со нив. Тие нека се враќаат во местата од каде што ги плаќаат. Овде постои вековна институција на муслиманите, која е уставна категорија во државата. Односите во Исламската верска заедница се расчистени уште на стартот, во неа нема никакви нерасчистени односи. Не постои никаква неслога. ИВЗ е единствена како никогаш досега во своите редови, вклучувајќи ги своите органи и институции, а верувам дека и верниците се заедно со институцијата, која се вика ’Исламска верска заедница на Македонија.’“
Повик за меѓуетничка и меѓуверска толеранција
Сепак, беше забележливо засиленото обезбедување околу реис ул улемата Сулејман Реџепи. Од минарето на Кади – џамијата денеска изутрината имамот повика на меѓуетничка и меѓуверска толеранција:
„Хармонијата меѓу етникумите и верите во оваа земја треба да биде причина за инспирација на душата, за да се работи заедно, со заедничко почитување меѓу сите.“
Пригодни Фитер - Бајрамски поздравни обраќања пред големиот број муслимански верници имаше и на македонски и турски јазик.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Жана Ацеска