1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планови за германскиот павиљон на Експо 2010 во Шангај

Клаудија Вите11 јуни 2008

За да се прикаже подобро и да привлече што е можно повеќе посетители, германската влада инвестира во павиљонот во Шангај 30 милиони евра и очекува околу 9 милиони посетители за време на вкупно 184-те дена на одржувањето.

https://p.dw.com/p/E6K1
Експо 2010 во КинаФотографија: AP

„Добродојдовте во германскиот павиљон!“

Пред ТВ камерите германскиот тим за подготовка на настапот на Светската изложба Експо 2010 се прикажа непосредно, пријателски и со засукани ракави. Кај кинеските домаќини ваквиот настап предизвикува симпатии.

Настап без компромиси

За разлика од ситните компромиси во настапот пред јавноста, концептот на германскиот павиљон не прави никакви компромиси, особено не со застарените клишеа за земјата. Значи никакви машини и штандови со пиво и колбаси. Павиљонот е конципиран како отворено, транспарентно и модерно здание. Секако деновиве по катастрофалниот земјотрес во кинеската покраина Сечуан сите прашуваат и колку тоа ќе биде изградено за да опстане при силни земјотреси. Главниот архитект на павиљонот Ленарт Вихел одговара:

„Постојат многу прецизни градежни правила и ние секако ќе ги почитуваме. Она што е интересно е тоа што сега бараме таков систем што со повеќе потпорни елементи ќе овозможи и стабилност на почвата во Шангај, што е многу песковита. Значи, конструкцијата мора да води сметка за двата елемента.“

Мотото на Експо

Светската изложба 2010. ќе се одржи под мотото „Подобар град – подобар живот“. Германскиот одговор на ова визионерско прашање гласи: „баланс-сити“. Тоа е концепт на град во кој се спојуваат и исчезнуваат противречностите, на пример меѓу урбаното и природното, меѓу иновацијата и традицијата, меѓу глобализацијата и националниот идентитет. Концептот го изработи Биргит Шулц:

„Тоа треба да биде град во кој противречностите и поларностите се спротиставуваат и истовремено се доведуваат во хармонија. При тоа таа хармонија, тој баланс кај нас се сфаќа поинаку, од она како тоа го сфаќаат Кинезите.“

А во германскиот павиљон...

Конкретно, посетителите на германскиот павиљон ќе ги очекуваат ескалатори, што ќе ги водат во разни простории со многубројни доживувања. Павиљонот секако сака да ги информира, но и да ги изненади:„Сакаме да дадеме прилог кон темата подобар град – подобар живот со тоа што ќе покажеме дека е вредно да се води сметка за сопствената традиција и да се гради иднината врз минатото. Но, исто така сакаме и да ги забавуваме луѓето, сакаме да ги заинтересираме за Германија“ – појаснува Биргит Шулц.

Најголемата фасцинација на крајот

Низ таквиот германски павиљон треба секој ден да минуваат по 50.000 посетители. Најголемата фасцинација треба да ги очекува се разбира на крајот на павиљонот. Во голема просторија треба да биде поставена огромна топка што ќе реагира на гласовите и барањата на посетителите. Тие ќе можат имено да нарачуваат што сакаат големата топка да им покаже, така што ќе проицира слики и мотиви од Германија. Тоа ветува голема и секако многу гласна забава, бидејќи според експертите граѓаните на Кина навистина сакаат такви изненадувања.