1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пицула: ЕУ не може да има мирна совест за Македонија

Тони Гламчевски26 септември 2013

Хрватскиот европратеник и поранешен шеф на хрватската дипломатија Тонино Пицула за Дојче Веле објаснува дека во моментов темата на проширувањето се избегнува во ЕУ

https://p.dw.com/p/19ooK
Фотографија: dapd

Очигледно е дека темата за проширувањето на ЕУ намерно се избегнува, вели Тонино Пицула, хрватски европратеник од редовите на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите при Европскиот парламент.

„Проширувањето не е приоритет за актуелниот состав кој ја води Европската Комисија. Тој смета дека нема да добијат ништо со објаснувањето на граѓаните на Европската Унија, дека проширувањето како процес ја создаде ЕУ, ја одржуваше и на некој начин е одговорно за нејзиното напредување и релевантноста во светот.“

„Одговорот треба да се бара во политичкиот опортунизам, бидејќи, како да му се верува на политичар кој не е објективен кон своите успеси и колку може да биде објективен кога зборува за своите несупеси. Ако Жозе Мануел Баросо со ниту еден збор не го спомена ланската и оваа година влегувањето на Хрватска во ЕУ, што е дел и заслуга на Комисијата, тогаш тој има уште помалку причини да зборува за некои отворени прашања на југо-истокот од Европа. Започнувајќи со Македонија, односите меѓу Србија и Косово и посебно ситуацијата во Босна и Херцеговина. Можеби недостасуваат идеи и сили за да тие проблеми се доведат посериозно до некое решение само десет месеци пред европските избори. Тогаш се разбира дека најелегантно е дека за нив не треба воопшто да се зборува“, вели поранешниот шеф на хрватската дипломатија.

Tonino Picula Kroatien Politik
Тонино ПицулаФотографија: DW

Хрватска поддршка за Македонија

Тонино Пицула понатаму нагласува дека Хрватска и хрватските европратеници ја поддржуваат Македонија и земјите од регионот кои сакаат да се интегрираат во ЕУ:

„Пред се, ние Македонија ја признаваме под нејзиното име. Тоа во моментов е јасен политички став. Од друга страна сите политички раководители од Хрватска, без разлика од тоа на која политичка партија и припаѓаат го поддржуваат понатамошното проширување на Европската Унија, посебно кон земјите за кои влегувањето во ЕУ им значи во историската смисла, заклучување на некои трауми, изложеност на неразвиеност, заостанување... Тука секако треба да се употребат сите средства за да проблемот со непочнувањето на преговорите со Македонија се истакнува во секој момент.“

Хрватскиот европратеник, притоа нагласува дека на последната пленарна сесија во Стразбур, кога се расправаше за состојбата во ЕУ, тој зборуваше на таа тема, исто како и на расправата за измена на механизмите за Шенген системот.

„На пример јас се залагам да се скратат роковите за обработка на барањата за азил, а не да се суспендираат безвизните режими на земјите кандидати за членство во ЕУ. Затоа овде, како европратеник ќе направам сѐ што можам за да ги промовирам европските интереси на нашите југоисточни соседи и се разбира тие на Македонија.“

Во ЕУ пред изборите нема интерес да се отворат спорни прашања

На прашањето дали е можно Македонија конечно да добие датум за преговори до крајот на годинава, Пицула не изразува голем оптимизам.

„Судејќи според ова расположение кое го изнесе претседателот на Европската Комисија при претставувањето на ситуацијата во ЕУ пред ЕП, за жал не може да се биде преголем оптимист. Да имаше такви намери, тој на некој начин тоа би го обелоденил. Меѓутоа велам, дека ова се нешта на опортунистички пристап. Изборите (европските во 2014) се преблиску и никој не сака да отвора теми на кои не може да профитира во јавноста“.

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov Kroatien Ivo Josipovic
Македонскиот и хрватскиот претседател, Ѓорге Иванов и Иво ЈосиповиќФотографија: MIA

За тоа како сѐ до пред неколку години Македонија и Хрватска одеа заедно рамо до рамо во евро-атланските интеграции, но Хрватска денес е далеку пред Македонија, Пицула вели.

„Јас се сеќавам на самитот во Загреб во 2000 година, кога ние го започнувавме нашиот европски пат. Македонија тогаш практично веќе го завршуваше Договорот за стабилизација и асоцијација и се наоѓаше добар чекор пред Хрватска. Но како што знаете се случи 2001. година. И сѐ што произлезе потоа не одеше во полза на европската перспектива на Македонија. Таа секако останува земја, за која Европската Унија и нејзините соседи не можат да имаат мирна совест.“

На прашањето дали некој вистински може да изврши притисок врз Грција за таа го промени својот став кон Македонија, тој одговара:

„Тешко ми е да зборувам за тоа. Вие знаете и гледате дека ЕУ по главните прашања функционира според принципот на консензус. Хрватска тоа го почуствува за време на своите преговори кога една наша соседна земја повеќе од една година не блокираше за едно прашање и тоа не одеше лесно. Сигурно е да се верува дека тоа ќе се повторува и за Македонија се додека констелацијата на ситуацијата не се промени“, завршува хрватскиот европратеник и поранешен министер за надворешни работи на оваа земја.