1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писател кој од сопствено искуство ја знае цената на мирот

14 октомври 2010

Израелскиот книжевник Давид Гросман е добитник на годинешната Мировна награда на Германското здружение на книжари. Тој во неговите дела се залага за мир на Блискиот Исток, тема која игра голема улога и во неговиот живот.

https://p.dw.com/p/PdvQ
Давид ГросманФотографија: DW-TV

Давид Гросман, син на возач на автобус по завршените студии на филозофија и сценска ументост започна да гради новинарска кариера во израелското државно радио. Таму пред се’ работел на детската програма, а со неговите книги за деца стана познат и надвор од татковината.

Во Германија дури откако му беше објавена првата книга

Во Германија за него почна да се зборува во 80-те години од минатиот век со објавувањето на делото „Насмевката на јагнето“. Германија е земја која кај секој Евреин буди мешани чувства: „Со години одбивав да патувам во Германија. Поради холокаустот ми паѓаше тешко дури и да го слушам германскиот јазик, а да не говориме да претстојувам во Германија. На почетоците на своето книжевно творештво сам себеси си реков, дека во Германија ќе одам дури откако таму ќе се појави некоја моја книга со моето име на кориците, бидејќи една од најлошите работи за време на геноцидот во Втората светска војна беше фактот дека луѓето тогаш беа убивани анонимно, без име. Тоа ми беше неподносливо и затоа отидов во Германија дури откако таму беше објавена мојата прва книга“

Оваа книга ќе те спаси

28.11.2009 DW-TV KULTUR 21 DJ David Grossmann
Насловната страница на делото на Гросман „Една жена бега од една вест“

Во 2003 година Гросман започна да го пишува романот кој на свовиден начин ќе стане и трагичен сведок на судбината на неговото семејство. Во романот „Една жена бега од една вест“, Гросман ги опиша чувствата на израелските родители чии деца заминуваат во војска и стравуваат дека никогаш нема да се вратат. Ваква судбина го затекна Гросман во 2006 година, воочи завршувањето на неговиот најпознат роман и неколку часа пред окончувањето на војната во Либан. Неговиот помлад син Ури загина од граната на исламските бунтовници на Хезболах и тоа во момент кога се обидувал да ги извлече другарите од еден запален тенк. Гросман потоа не бил сигурен дали ќе биде во состојба да го доврши неговиот судбоносен роман. Кога за тоа му се доверил на својот пријател, писателот Амос Оз тој му одговорил: „Оваа книга ќе те спаси Давиде“.

Гросман во декември 2006 година стоеше пред демонстрантите кои во Тел Авив бараа одговори на многу отворени прашања поврзани со војната во Либан: „Една од најлошите работи кои оваа војна ги истера на виделина е фактот дека Израел нема крал. Редот во кој треба да стојат личностите кои политички и воено го водат Израел е празен“. И покрај неописливата загуба Гросман не чувствува омраза „Не сакам да бидам бесен зашто во такви моменти мојот син Ури не е покрај мене“, заклучува писателот.

Автор: Клеменс Ференкоте/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска