1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет децении на рок-кралевите

Жељка Телишман / Е. Милошевска Фиданоска11 јули 2012

Кралеви на рокот, феномен сами за себе, апсолутни богови на музичкото небо - Ролинг Стонси постојат веќе 50 години и како што се чини немаат намера да се пензионираат.

https://p.dw.com/p/15VAb
Фотографија: AP

„Ќе настапуваме и ќе работиме уште најмалку една година“, рече деновиве на една прес-конференција Мик Џегер и притоа се насмевнуваше на ист невин, детски начин како што тоа го правеше и во минатото. А времињата што се зад него не се кратки - Ролинг Стонс се тркалаат веќе 50 години. И иако Мик Џегер, Кит Ричардс, Рон Вуд и Чарли Вотс веќе одамна ја минаа границата по која обичните смртници одат во пензија, нив заминување во пензија и престанување со активностите очигледно засега се‘ уште не ги интересира.

На 12 јули Ролинг Стонси и нивните обожаватели ја прославуваат 50-годишнината од постоењето. На тој ден во 1962 година младиот англиски бенд го имаше својот прв јавен настап во лондонскиот клуб Марки. Беше планирано овој јубилеј да се прослави со нова светска турнеја, но таа сепак е одложена за една година.

Band Rolling Stones Konzert in Saitama
Светска турнеја на Стонсите е закажана за наредната годинаФотографија: AP

Кога во историјата на поп и рок музиката се зборува за феномени, тогаш првенствено се мисли обично токму на нив. Самиот факт дека членовите на Ролинг Стонс, денес милијардери, воопшто се живи е некако феномен и чудо само по себе. Во автобиографијата „Живот“, објавена во 2010 година, некогашниот „џанки“ Ричардс напиша дека „секој член на бендот зад себе има свој личен ’пат-крст’ составен од зависности, дрога, алкохол, прекинати љубовни врски, финансиски и телесни падови.“ За скандалите што ги следеа во текот на годините секогаш се пишуваше до најситни детали.

Fans beim Konzert der Rolling Stones in Münster
Фановите на Ролинг Стонс со децении се воодушевуваат од своите „музички богови“Фотографија: picture-alliance/dpa

За некого Стонси се божество на рок-музичкото небо, за друг се бесмртници кои го пропуштиле моментот кога требало да се повлечат. Нивните обожаватели ги сакаат и поради тоа што тие „постоеја отсекогаш и што се се‘ уште тука“, наспроти повеќето најави и гласините за можен распад на бендот. „Тие во меѓувреме се навистина музички богови кои едноставно од Олимпот на рокот се спуштаат на Земјата и овде стануваат живи легенди“, вели менаџерот на Клубот Стонс во Ахен, Мани Енгелхард.