Петте постојани членки на СЕ со изјава за Иран
30 март 2006Колку што изјавата е куса и колку што расположението во Советот за безбедност се чинеше еднодушно, толкава и многузначна беше потребата од интерпретација потоа. Русија успеа од текстот на изјавата да ја отстрани секоја реченица која би можела да се сфати како закана за Иран или како претчекор кон санкции. Американскиот амбасадор во Советот за безбедност, Џон Болтон, сепак, во изјавата гледа јасен знак и недвосмислен ултиматум:
“Можеби не добивме пехар на тениското небо, но топката сега е повторно кај Техеран и ние ќе чекаме 30 дена за да видиме што тие ќе сторат.“
Всушност, САД имаа намера на владата во Техеран да и остават 14 дена за промена на ставовите, но рокот сега сепак е 30 дена. Потоа, шефот на меѓународните атомски власти, Мохамед ел Барадеи, како и Гувернерскиот совет во Виена, на Советот за безбедност треба уште еднаш да му поднесат извештај – дали Иран го сопрел облагородувањето ураниум и дали ги исполнил барањата на ИАЕА.
За рускиот амбасадор, Андреј Денисов, терминот, кој инаку е единственото конкретно нешто во изјавата за Иран, е ирелевантен:
“Следната редовна седница на Советот на гувернери на ИАЕА е во јуни и таа, да се надеваме, ќе ни помогне да ја разјасниме вистинската природа на иранската атомска програма.“
За Москва, но и за Пекинг, темата Иран и онака не припаѓа сеуште во Советот за безбедност, туку во Виена кај меѓународните атомски власти. Мислење, кон кое тежнеат не само генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, туку и германскиот амбасадор во ОН, Гунтер Плојгер:
“Една од намерите на оваа изјава е, се разбира, да го засили авторитетот на господинот Барадеи и на ИАЕА, и тоа е постигнато.“
Според Плојгер, не треба да се шпекулира околу тоа што ќе се случи за 30 дена:
“Да му дадеме на Иран шанса да реагира во рамки на рокот од 30 дена, пред да шпекулираме било што.“
Првата реакција на иранскиот амбасадор во ОН, Џавад Зариф, не дава надеж дека Иран ќе се држи до рокот или дека ќе запре со облагородување ураниум:
“САД уште од почеток на преговорите сакаа тие да не успеат. Нивна цел секогаш беше Советот за безбедност. Иран не прифаќа никаков притисок. Ние на притисок реагираме алергично и не многу добро.“