1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петпартиска влада во Израел

1 април 2009

Речиси два месеца по изборите, Израел доби нова влада: премиерот Бенјамин Нетанјаху во парламентот положи заклетва и ја предводи најголемата коалиција во историјата на земјата.

https://p.dw.com/p/HO2u
Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Десет години по својот прв мандат, Бенјамин Нетанјаху повторно е на чело на Израел, овојпат во особено комплицирана финансиска и безбедносно-политичка ситуација. Во израелскиот парламент, Кнесетот, синоќа во Ерусалим (01.04.2009), 69 од вкупно 120 пратеници гласаа за новата влада од четири десни, строго религиозни партии, како и социјалдемократската Работничка партија, која ќе има 30 министри. Против новата влада гласаа 45 пратеници, меѓу нив пет од Работничката партија.

Шефот на партијата Ликуд, 59-годишниот Бенјамин Нетанјаху, во својот говор се заложи за продолжување на мировните преговори со Палестинците, но не го спомена изречно „решението за две држави“, како што бараат САД и ЕУ. Тој стреми кон тоа Палестинците да добијат речиси целосна автономија, но не и независна држава. Во неговата програма стои и развластување на радикално-исламистичката организација Хамас во појасот Газа. Што се однесува до Иран, тој во него гледа егзистенцијална закана за Израел.

На министерското место за надворешни работи - тврдолинијаш

Најголем коалиционен партнер на Ликуд во владата е ултрадесничарската партија „Наша куќа Израел“. Нејзиниот прв човек, Авигдор Либерман, треба да биде министер за надворешни работи. Во предизборната кампања, тој предизвика бранувања во јавноста со своите антиарапски пароли.

Symolbild Avigdor Lieberman Zünglein an der Waage
Авигдор ЛиберманФотографија: picture-alliance / maxppp / AP / DW-Montage

Втор по големина партнер е социјалдемократската Работничка партија. Нејзиниот претседател, Ехуд Барак, ќе остане министер за одбрана, а со приклучувањето кон владиниот коалиционен сојуз влезе со голем ризик. Левото крило во неговата партија му префрлува дека ги продава старите вредности и сака да го смени од партиското чело на следниот партиски конгрес. По изборниот пораз, тој сакаше да оди во опозиција, а својот ненадеен нов курс го оправда со одговорноста на партијата и за безбедноста на Израел.

Нов шеф на опозицијата ќе биде досегашната министерка за надворешни работи, Ципи Ливни од партијата Кадима. Педесетгодишната правничка одби да влезе во владата, зашто Нетанјаху не сакаше да се изјасни за мировно решение со Палестинците, со формирање две држави. Инаку, Ливни и во новата влада можеше да остане шеф на дипломатијата.

Автор: ЖА/ТТ/ДПА/Ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска