1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петковски казнет за клевета на Груевски

АТ/ макфакс/ миа15 јули 2013

Лидерот на НСДП Тито Петковски ќе треба да му плати 650.000 денари за клевата на премиерот Никола Груевски, пресуди денеска Основниот суд Скопје 2.

https://p.dw.com/p/197rE
Фотографија: MIA

Основниот суд Скопје 2 денеска донесе одлука по тужбата што ја покрена премиерот Никола Груевски против лидерот на НСДП Тито Петковски.

Како што соопшти судијата Нухи Рустеми, Петковски е казнет за нарушување на угледот и честа на Груевски. Тужбеното барање на Груевски за отштета од 950.000 денари е делумно усвоено во однос на сумата, а е прифатено во целост од аспект на одговорноста на Петковски.

 „Тужбеното барање на Груевски делумно се усвојува. Се утврдува одговорност на Петковски за клевета кој ќе треба да плати паричен надомест за нематеријална штета, за нарушен чест и углед во износ од 650.000 денари со законска казнена камата сметано од 15.07.2013 година“, рече судијата Рустеми, објавувајќи ја пресудата.

Премиерот Никола Груевски го тужеше претседателот на НСДП, Тито Петковски за клевета затоа што во октомври минатата година за неделникот „Фокус“ изјавил дека Груевски со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации во 2008 предложил новото име да биде Република Македонија (Скопје).

Tito Petkovski Mazedonien
Тито ПетковскиФотографија: DW / Stojanovski

Премиерот по првото рочиште изјави дека не е точно дека испратил такво писмо и дека постоел предлог од медијаторот Метју Нимиц за решение на проблемот со името кој дошол непосреден пред самитот на НАТО во Букурешт истата година, и за којшто, владата изразила волја таквиот предлог да биде даден на референдум, граѓаните да одлучат дали ќе го прифатат предлогот Република Македонија (Скопје).

Тито Петковски, од своја страна, изјави дека доколку владее правото и доколку судот го почитува законот, тогаш Груевски „не може да му ги земе парите".

Според Никола Додевски, ополномоштениот адвокат на премиерот Груевски, овој предмет од правен аспект бил прилично едноставен „Целосно е утврдена одговорноста за давањето тенденциозна, невистинита изјава. Усвоено е тужбеното барање во однос на одговорноста согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета во целост“, изјави Додевски по изречената пресуда.

Главниот претрес по предметот се одржа во четвртокот, на 11 јули, а подготвителното рочиште беше на 7 јули годинава.