1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пекинг е добар партнер, но да не се запостави Брисел!

Костадин Делимитов7 ноември 2013

Дали економското, а паралелно со тоа и политичкото поврзување со Кина може да и‘ донесе бенефит, но можеби и своевидни потешкотии на Македонија од аспект на односите со ЕУ? Аналитичарите се поделени околу ова прашање.

https://p.dw.com/p/1ADPf
Фотографија: Reuters

Македонија како порта за кинеските компании кон европските пазари - овој проект полека но сигурно се наметнува како еден од клучните стратешки, пред се‘ економски приоритети на македонските власти. Во период на економска и финансиска криза во Европа, Македонија се врти кон Истокот, главно кон најбројната и најбрзорастечката земја на светот.

Активностите полека добиваат и на конкретност и тоа во делот на реализацијата на големите инфраструктурни проекти чија реализација е во фаза на планирање. Кинезите ќе ги градат двата автопати, Скопје-Штип и Кичево-Охрид, неколку компании веќе се присутни како дел од други инфраструктурни проекти, а постои отворен интерес и за учество во крупни енергетски проекти. Контактите на највисоко политичко ниво зачестија, а веќе се договара и интензивирање на трговската соработка.

Дали економското, а паралелно со тоа и политичкото поврзување со Кина може да и‘ донесе бенефит, но можеби и своевидни проблеми на Македонија од аспект на односите со ЕУ? Аналитичарите се поделени околу ова прашање. Гледаат простор за економски бенефит, но дел од нив и предупредуваат дека треба да се игра внимателно и да не се “врти“ грбот на ЕУ:

„Една од важните причини за постоењето на Европската унија произлегува од економската нужност на светската економија, дека дури и држави како Германија, Франција или Британија се ’премалечки’ за да можат да се носат со конкуренција на светскиот пазар со земји како САД, Кина или Индија. Оттаму, мислам дека нашиот природен пат до светскиот пазар е преку интеграција со Унијата. Само со застарената логика на Студената војна, кога Кина направи своја политичка база во Албанија, може да се размислува дека тоа би можело да се повтори денес со Македонија. Денес, ставена да бира помеѓу нас и една држава - членка на Унијата, Кина во никој случај не би си ги загрозила односите со Европската унија, својот значаен трговски партнер. Се разбира, несомнена е користа од кинеските фондови наменети за Југоисточна Европа, но вреди економистите да ги споредат со штетите предизвикани од некористењето на фондовите на Унијата, покрај штетните последици по внатрешната и надворешната безбедност на државата, заради доцнење со нашето членство во најпосакуваниот сојуз во светот“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Денко Малески.

Wen Jiabao und Nikola Gruevski in Peking
Македонскиот премиер Никола Груевски и Вен Џиабао во Пекинг во 2012. годинаФотографија: MIA

Стратешко партнерство

Диверзификацијата на надворешната политика на Македонија според поранешниот амбасадор Ристо Никовски не може да биде во колизија со односите со ЕУ и НАТО туку, напротив, таа е целосно комплементарна со нив. Македонија според него одамна требало да посвети многу поголемо внимание на развојот на соработката со земји како Русија, Индија, Кина. Примери на стратешко партнерство од ваков вид според него има и во рамки на Унијата, а како пример тој ги посочува односите помеѓу Германија и Русија за кои смета дека се извонредни и граничат со некакво стратешко партнерство. Македонија според него може да има двојна корист од односите со Кина:

„Македонија мора концентрирано, континуирано и посветено да работи на проширување на врските со што поголем број земји, почнувајќи од најголемите, најважните, најекспонираните. А Кина е светско економско чудо од крајот на 20 и почетокот на 21 век. Нема никакви причини ние да ги дозираме или лимитираме комуникациите со неа. Тоа би било само на наша непоправлива штета. За среќа, во последно време, има индикации дека и тука работите тргнуваат. Да бидеме искрени - иницијативите доаѓаат главно од таму. Инвестициите во автопатиштата се дел од нивниот фонд од 10 милијарди долари, наменет за Централна и Источна Европа. Одлично е што и Македонија ќе добие дел од тој колач. Можностите се, меѓутоа, повеќекратно поголеми. На нас е тоа да го искористиме. Мега проектот ’Вардарска долина’ е повторно актуелизиран, токму од страна на Кинезите; доцниме со изградбата на енергетски капацитети и, по урнекот на ХЕЦ „Козјак“, треба да бараме инеститори од Кина; откако купија пристаништа во Грција, треба да работиме да ја преземат и нашата железница која е хроничен загубар, а нив ќе им треба поради поврзување на пристаништата со Европа.

Посетата на претседателот Ѓорге Иванов на Кина ( на насловната фотографија) е секако позитивен исчекор во таа насока. Кина нема и нема да има политички аспирации во и кон регинот, ама наш нагласен интерес е таа да биде пријателски настроена кон Македонија, бидејќи на крајот од краишата, проблемот со името, кој е клучен за оваа земја, ќе се решава во Советот за безбедност на ОН, каде Кина е постојана членка. Така, соработката со Кина за нас носи двојна корист“, смета Никовски.

Да се искористи интересот на Кина

Иницијативата за стратегиско партнерство со Кина е значајно за бизнис заедницата која веќе подолг период предлага паралелно со Унијата, Македонија да ги развива односите и со брзорастечките економии. Интересот на Кина за Централна и Југоисточна Европа според Љубица Нури, експерт од Стопанската комора на Македонија треба да се искористи. Посебно доколку се има предвид фактот, стратегијата која се базира на инвестиции во трговијата и производството, инфраструктурата и обновливата енергија:

„Стратегијата за Балканот на Република Кина е одраз на Стратегијата на ЕУ за комуникативна Европа, за транспортна и енергетска инфраструктура, која до 2020. година треба да ја подобри поврзаноста на ЕУ со соседните земји и да ја зголеми трансмисионата моќ на единствениот ЕУ-пазар. Стопанската комора на Македонија, свесна за диспропорцијата на двете економии, на економската соработка со Народна Република Кина гледа како на можност за техничко-технолошко унапредување на производството и ја гледа Македонија како логистички центар за кинеската трговија кон западна, централна и источна Европа. Во тој контекст гледаме дека македонската економија може да се вклопи во стратегијата на Народна Република Кина кон Балканскиот регион преку трговија, а потоа и инвестиции - да се зајакнат кинеските производни капацитети во регионот, со цел да се ревитализираат одредени индустрии или да се зачнат новите адекватни за пазарот на ЕУ. Во тој контекст треба да се има на ум дека Македонија е во слободна зона на трговија со ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА,Турција и Украина и дека од 2015. година ќе имаме можност да има преференцијална трговија со земјите од југоисточен Медитеран“, вели Нури.

Bus Busse Skopje Mazedonien Öffentlicher Nahverkehr
Кинески автобуси во македонскиот главен градФотографија: picture alliance/dpa

Во услови кога инфраструктурата е една од клучните стратегии на Кина за регионов и пошироко во Европа, македонската економија, но и економијата на регионот, според Нури, има потреба од кинеска подршка на инвестиции во железничката инфраструктура во делот кој ја спојува земјата со пристаништата во Солун и Пиреј, во рамките на Коридорот 10 и инвестиции во доизградба на железничкото и патно поврзување во рамките на Коридорот 8. Оттука според нејзе е многу значајно и за поздравување одлуката на Владата да побара кредитна подршка од Кина за изградба на патниот дел од Коридорот 8 и патот кон Штип:

„Не гледаме дека развојот на економската соработка со Кина би можела да штети, напротив проектот за подршка на развој на економските односи на Кина со централна и Југоисточна Европа е дел од вкупниот стратешки развој на односите на Кина со ЕУ. Билатералната трговија со стоки помеѓу ЕУ и Кина во 2012. има достигнато вредност од 432 милијарди евра, што значи дека дневно се врши трговија од повеќе од 1 милијарда евра. Компании од ЕУ имаат инвестирано во Кина 9,9 милијарди евра во 2012. а Кина во ЕУ 3,5 милијарди евра. На 18 ти октомври 2013, Советот на Европската унија има одобрено започнување на преговорите за Спогодбата за инвестирање со Кина. Таа влезе во овој регион во оние области од кои ЕУ се има повлечено уште во 1994. година. Таа ќе придонесе во изградба на инфраструктура во внатрешноста на регионот за да се фатат приклучоци, транспортни и енергетски со ЕУ“, смета Нури.

Со исклучок на тајванската авантура на крајот од минатиот век, кинеско македонските односи постојано важеле за традиционално пријателски и добри. Заложбите и од двете страни се во насока на динамизирање на соработка во повеќе сфери, главно во делот на економијата. Контактите на највисоко ниво добиваат на интензитет. Летоска прво премиерот Никола Груевски беше во посета на својот кинески колега, а минатата недела и претседателот Ѓорѓе Иванов придружуван од неколкумина владини министри во Пекинг договараше интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји.