Пекарот Рајнхард Брауер од Ерцен
11 август 2010Два часот ноќе е. Иако е многу рано, Рајнхард Брауер не делува уморно, туку напротив - со вешти движења 60-годишниот пекар-мајстор меша брашно и квасец во една голема машина за месење.
Уигран тим непосредно по полноќ
Непосредно по полноќ пекарот Брауер почнува да работи меѓу машината за месење и печката. Тој го подготвува тестото, па затоа мора да биде прв во пекарницата. Половина час подоцна стигнува еден помошник. Уште половина час подоцна стигнува и човекот кој го става тестото да се пече во печката.
Брауер и неговите соработници пет часа печат земички, леб и колачи. Тие се уигран тим, а тоа е многу важно: до 5.30ч од печката треба да се извадат околу 500 различни видови печива.
Рајнхард Брауер е пекар преку 30 години. Пекарницата ја преземал од својот татко. Работниот ден од 15 часа за Брауер не е реткост. Кога околу 18 часот конечно ќе стигне дома, чита весник и се релаксира заедно со сопругата Ренате: тогаш со задоволство слушаат Rock n' Roll, а најрадо Елвис Присли.
Последен одмор - свадбеното патување
Седум филијали припаѓаат на фирмата на Рајнхард Брауер. Тој со нив раководи заедно со сопругата. „Ренате се грижи за вработување продавачки во филијалите, за логистиката, за целокупното книговодство и за самите филијали“, објаснува тој.
Конкуренцијата од индустриското произведување печива не го плаши занаетчијата: „Јас произведувам други производи и на тој начин сум пофлексибилен“. Брауер смета на неговата близина со клиентите: „Јас имам можност преку моите дами од продажбата сосема поинаку да им се приближам на потрошувачите од кој и да е индустриски производител чии продукти стојат на полиците“, раскажува самоуверено Брауер.
Успехот на пекарот има и своја цена: на Рајнхард и Ренате Брауер не им останува многу време за приватниот живот. Последен пат кога отишле на вистински одмор било свадбеното патување - преку Балканот до Турција.
Тоа било во 1975 година. Но, на Брауер ништо не му недостига и полн е со идеи. Тоа што заедничкиот син не сака да ја преземе семејната фирма и се одлучил за друга професија, го прифаќа релаксирано: „Секој треба да го прави тоа што го прави среќен“, вели Рајнхард Брауер без лутина.
Во секој случај, печењето печива го усреќува Брауер. Тој и неговата сопруга немаат намера да престанат со работа уште долго време.
Автор: Сонила Санд / Виолета Вај
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска