1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партнерство со обострана полза

ЕМФ/дв14 септември 2013

Не само Сојузната служба за разузнавање, туку и германската Служба за заштита на уставот разменува редовно информации со НСА и други американски, но и британски тајни служби, јавуваат германски медиуми.

https://p.dw.com/p/19hTu
Фотографија: picture-alliance/dpa

За возврат на информациите што ги лиферува, Службата за заштита на уставот (служба која делува само во рамки на границите на Германија, н.з.) од САД добивала информации и шпионски софтвер, известуваат весникот „Зиддојче цајтунг“ и радиотелевизија НДР, повикувајќи се на таен документ на германската влада. Според документот, Сојузната служба за заштита на уставот само во 2012 година на американските служби им лиферувала 864 групи податоци. Освен тоа, на британските тајни служби им биле лиферувани 657 групи податоци.

За какви податоци се работи не е познато. Службата за заштита на уставот е служба која смее да делува само на територија на Германија. Доколку информациите на „Зиддојче цајтунг“ и на НДР се покажат како точни, тогаш службата најверојатно на САД им пренесувала информации за луѓе кои биле шпионирани на германска територија. Службата за заштита на уставот реагираше со соопштение во кое се вели дека таа при соработката со американските служби делувала стриктно согласно законските овластувања.

Претседателот на Службата за заштита на уставот Ханс-Георг Масен изјави дека „во рамки на своето законско остварување на задачите“ службата има „блиска и полна со доверба соработка“ со различни странски служби, меѓу нив и американските. „Оваа соработка придонесува многу за спречување на терористички напади и со тоа за заштита на граѓаните во Германија“, рече Масен.