1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите во САД подготвени за евентуална правна битка по изборите

Михаел Книге/ Симе Недевски3 ноември 2012

Тесната изборна трка меѓу Обама и Ромни потсетува на изборите од 2000. година. Сега партиите се веќе подготвени на можни правни натегања по објавата на резултатите. Но, ќе има ли тесниот резултат само правни последици?

https://p.dw.com/p/16cHM
Фотографија: AP

Ако се повторат случувањата по претседателските избори од пред 12 години, тогаш на 6. ноември би можел да се одигра вистински изборен криминален филм. Бидејќи, само неколку дена пред изборите испитувањата на јавното мислење предвидуваат речиси ист број гласови за двајцата кандидати- Барак Обама и Мит Ромни. Така беше и во 2000. година во изборната трка меѓу Џорџ Буш и Ал Гор. „За да се повтори историјата, резултатите од изборите не мораат да бидат многу тесни, туку екстремно тесни. Тоа значи дека мора да се работи за разлика од неколку илјади гласови“, истакнува Рик Хасен, професор на Правниот факултет од Универзитетот Калифорнија и автор на неодамна објавената книга "The Voting Wars".

Тој додава: „Освен тоа, тоа мора да се случи во една сојузна држава чии гласови се важни за формирање на изборно тело која ја сочинуваат електорите.“ Имено, председателот во САД традиционално се избира посредно. Во секоја сојузна држава гласачите избираат т.н. електори кои потоа гласаат за еден од кандидатите. Секоја држава е една изборна единица, па така оној кандидат кој добил мнозинство гласови во таа држава, ги добива гласовите на сите нејзини електори. Бројот на електори шти ги има некоја сојузна држава зависи од бројот на населението.

Лекција од Флорида

Пред 12 години Џорџ Буш можеше да ја прослави изборна победа дури по завршувањето на правниот спор во сојузната држава Флорида, кој траеше повеќе од еден месец. На крајот победи со само 537 гласови повеќе. Тогаш и Демократската и Републиканската партија беа неподготвени на ваквиот исход од изборите. Затоа денес двете партии навреме се подготвуваат за можна правна битка. „Ние ја научивме нашата лекција од Флорида“, објаснува Џон Хардинг Јанг, кој пред 12 години беше член на адвокатскиот тим на Ал Гор. Тој на 6. ноември ќе ја преземе улогата на координатор на изборните набљудувачи на Демократската партија во државата Вирџинија. Јанг претпоставува дека евентуалните несогласувања околу исходот на изборите ќе се решат брзо, затоа што двете партии веднаш на располагање ќе имаат бројни специјализирани адвокати.

Опасност за демократијата?

„Партиите дефинитивно станаа поагресивни и се’ помалку се подготвени да прифатат тесни изборни порази“, смета професорот Хасен. Веќе сега, пред изборите, во неколку држави се во тек бројни постапки кои се однесуваат главно на обидите на републиканците да воведат строги контроли на личните документи на гласачите. Демократите се борат против тоа бидејќи тие контроли ги сметаат за стратегија за отежнување на излегувањето на гласање на нивните поддржувачи.
Хасен и Јанг имаат спротиставени мислења кога станува збор за можните последици од тесниот изборен резултат. За Јанг не претставува никаков проблем се’ поголемиот број правни постапки, туку, смета тој, тоа е израз на моќта на американскиот правен систем, па со тоа и добар за демократијата. „Загрижен сум за нашата демократија“, вели пак Хасен и истакнува дека од пред 12 години многу нешта се сменети. Тогаш не постоеле социјални интернет мрежи како Твитер, Фејсбук и слично. „Ме загрижува тоа дека во случај на тесен изборен резултат политичките коментари на социјалните мрежи би можеле да се претворат во протести на улиците“, предвидува Хасен.
 

Wahl USA Präsidentschaftswahl 2012 Obama Romney
Фотографија: picture-alliance/dpa
Fernsehduell George Bush und Al Gore
Кандидатите за американски претседател во 2000. година, Џорџ Буш и Ал ГорФотографија: AP