Папуљас се залага за име прифатливо за двете држави
4 ноември 2013Претседателот на Грција Каролос Папуљас на средбата со албанскиот претседател Бујар Нишани денеска (04.11.) во Тирана изјавил дека Атина ги презема сите активности за решавање на спорот со името со Македонија. Притоа грчкиот претседател нагласил дека Грција бара да се најде решение кое е прифатливо за двете страни, кое воедно би било за севкупна употреба. Решавањето на спорот ќе биде во интерес на двата соседа, но и за регионот во целина, нагласил Папуљас.
За време на средбата, Папуљас и неговиот домаќин Нишани оцениле дека Тирана и Атина треба што побрзо да ги надминат проблемите околу морската граница на двете земји со почитување на меѓународното право и интересите на двете соседи. Исто така, како што соопштија на прес-конференција, тие се заложиле и за надминување на другите отворени проблеми меѓу двете држави.
Папуљас на денешната средба со Нишани, меѓу другото, искажал и поддршка за европската интеграција на Албанија.
Додека се одржуваше средбата на Папуљас и Нишани, членови и симпатизери на организацијата Чамерија одржуваа протести против политиката на Атина поради нерешавање на имотно-правните односи на имотите на Албанците – Чами кои биле протерани од Грција.