1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата ја „открива“ Америка

Кристина Бергман15 април 2008

Папата Бенедикт 16-ти е на патување во САД. За него е тоа тежок терен, зашто по прашањата на сексуалниот морал и заштитата на животот, американските католици се далеку од Ватикан.

https://p.dw.com/p/DiOT
Американскиот претседател, Џорџ Буш на прием во Ватикан, во јуни 2007 годинаФотографија: AP

Американците веруваат во господ. 38% од нив секоја недела одат во црква. Меѓу католиците бројките се уште поголеми - 41% од нив најмалку еднаш неделно одат во црква, вели анкетата на независниот институт за истражување на јавното мислење Pew Research Center. Папата го поздравува овој аспект на американската култура на секојдневие, вели Дејвид Шиндлер, раководител на еден културен центар во Вашингтон, кој го носи името на папата Јован Павле втори: „За разлика од Европејците, Американците не се настроени со скепса. Кога велат дека веруваат во бога, тогаш веруваат. Дури и кога тоа можеби не е вистинската претстава за господ, тие мислат сериозно. И, папата Бенедикт 16-ти на ваквата едноставност гледа со добра волја.“

American way of life и по прашањата на црквата

Од друга страна, Римокатоличката црква гледа критички на тоа што многу американски католици се оддалечуваат од поуките на Ватикан поради т.н. американ уеј оф лајф. Според анкета на Пју центарот, 51% од американските католици се за легализација на абортусот во сите или речиси во сите случаи, додека 55% сметаат дека истражувањето на матичните клетки е поважно од заштитата на ембрионот. 42% од испитаниците се за склучување истополни бракови, а 60% за смртна казна. Дејвид Шиндлер е на мислење дека по овие прашања, папата има поголема поддршка на граѓаните кои не се католици: „За одбележување е она што папата го кажа кога зборуваше за неговото патување во САД, дека Американците му се близу срцето, особено оние што се повредливи, што се слаби, болни и осамени. Мислам дека тој ќе се спротивстави на актуелните американски текови доколку тие ги погаѓаат најповредливите и најневините членови на општеството - тие што се тукушто зачнати, неродените, хронично болните. Во тоа, мислам, ќе има многу поддршка од страна на евангеликанските, значи не-католичките христијани.“

Katholische Kirche in den USA
Католичка црква во САДФотографија: AP

И покрај се‘, католичката црква игра важна улога во американското општество, вели новинарот во Ватикан, Џон Ален: „Католичката црква како институција, го има најголемиот приватен школски систем во земјата, го има најголемото приватно здравствено осигурување. Минатата година во католичките училишта се образувале 2,3 милиони деца, а католичките болници дале речиси 30 милијарди долари за лекување на сиромашните. Ако католиците во оваа земја не даваат донации, мрежата на американското општество ќе се распадне.“