1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата сака сиромашна и „црква на сиромашните“

Александар Методијев/дв/ројтерс/афп/дпа16 март 2013

Новоизбраниот папа денеска порача дека сака „сиромашна црква за сиромашните“, за време на неговата аудиенција со новинарите. Папата Франциско рече дека неговата мисија ќе биде служење на сиромашните луѓе.

https://p.dw.com/p/17yvH
Фотографија: Reuters

Папата Франциско Први на новинарите им објасни дека новото име го одбрал според Св. Франциско Асишки, светецот кој е симбол на мирот, штедењето и служењето на сиромашните. Средновековниот монах се смета за светец-заштитник на Италија и е познат по разделувањето на семејното богатство за да живее во сиромаштија, како и по љубовта кон природата.

„Ах, колку би сакал сиромашна црква за сиромашните“, рече папата Франциско на средбата во Ватикан со илјадници новинари од целиот свет. Папата смета дека црквата треба да се врати кон корените, да го подели богатството и да се концентрира на грижата за сиромашните.

Rom Audienz Presse Papst Franziskus
На аудиенцијата кај папата присуствуваа илјадници новинари од цел светФотографија: DW/Bernd Riegert

Папата ги шармираше репортерите заблагодарувајќи им се за покривањето на неговиот избор, забележувајќи им: „Работевте напорно, зарем не?“ Новинарите го портретираа новиот папа како мешавина од реформатор и традиционалист.

Тој пренесе и детали за моментот кога дознал дека е нов папа. Тој на новинарите им кажа дека седел веднаш до бразилскиот кардинал Клаудио Хумес, кога му било соопштено за изборот.

„Тој ме прегрна, ме бакна и ми рече да не ги заборавам сиромашните. И тој збор влезе овде“, рече папата покажувајќи кон неговото срце. Така и го одбрал неговото ново име.

Франциско нагласи дека црковните настани „не се покомплицирани“ од политичките или економските и инсистираше на тоа дека католичката црква „не е политичко тело, туку суштински духовно“.

Rom Audienz Presse Papst Franziskus
Папата сака католичката црква да се врати кон своите корениФотографија: Reuters

„На крајот, Светиот дух е оној кој ја инспирираше одлуката на Бенедикт 16-ти за доброто на црквата, кој ги насочуваше молитвите и гласањето на кардиналите. Значајно е тоа да се има на ум“, рече новиот понтиф.

Ватикан денеска информираше дека претседателката на Аргентина Кристина Фернандез де Кирхер, со која Берголио влезе во спор додека ја извршуваше неговата претходна улога на Архиепископ на Буенос Аирес, ќе биде примена кај папата в понеделник. Ватикан исто така информира и дека папата Франциско ќе го посети неговиот претходник Бенедикт 16-ти на 23 март за првпат по изборот. Франциско ќе отпатува со хеликоптер во папската летна резиденција Кастел Гандолфо, каде ќе руча со неговиот претходник. Во таа резиденција престојува Бенедикт 16-ти од неговото повлекување од папскиот трон.