1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата го суспендираше бискупот од Лимбург

Б. Георгиевски/афп/ртр23 октомври 2013

Бискупот на германската католичка црква Франц Петер Тебарц фан Елст повеќе не е на чело на бискупијата во Лимбург. Тој е суспендиран од Ватикан, откако беа откриени низа скандали за неговото работење

https://p.dw.com/p/1A4xS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ватикан соопшти дека го суспендира на неопределено време бискупот на германската Католичка црква Франц Петер Тебарц фан Елст, кој ја скандализираше јавноста во неговата земја со луксузниот животен стил и огромните трошоци за новата резиденција.

„Светата столица смета дека е исправно да одобри период на отсуство од диоцезата за бискупот од Лимбург“, се наведува во соопштението од Ватикан.

„Папата беше континуирано и во целост информиран за ситуацијата, која се разви на тој начин што бискупот повеќе не може да ги извршува своите бискупски должности“, се вели понатаму.

Во соопштението не е точно наведено колку ќе трае суспензијата на бискупот, но се додава дека тоа ќе зависи од анализита на финансиското работење на диоцезата и одговорноста за високите трошоци.

Бискупот минатата недела отпатува во Рим на средба со Папата на која требаше да ги објасни своите постапки. Изградбата на новата резиденција во неговата епархија петкратно ги надмина првично планираните средства и достигна сума од над 30 милиони евра. Дополнително, беше откриено дека цената на изградбата ја зголемиле и луксузните желби на бискупот, кој за себе предвидел трпезариска соба од 60 квадрати и када која чинела 15 илјади евра, или севкупно, само неговите приватни простории требало да чинат околу 3 милиони евра.

Извештаите предизвикаа скандал во Германија и ги зголемија барањата за поголема транспарентност во работењето на Католичката црква која, освен што добива средства од државниот буџет се финансира и од религиозниот данок кој во земјата го плаќа секој верник.

Скандалот со германскиот бискуп избувна во период кога Папата Франциско најавува изградба на нов имиџ на црквата, чии свештеници треба да бидат поскромни и повеќе да се грижат за сиромашните граѓани.