1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата во Либан: Не плашете се!

ЖА/дв/дпа/ртре15 септември 2012

Насилните протести во Либан само го зацврстија папата Бенедикт Шеснаесетти во неговата мировна мисија. С‘ржта на неговата порака до верниците во регионот е - да не се плашат.

https://p.dw.com/p/169dJ
Фотографија: Reuters

Папата Бенедикт Шеснаесетти денеска (15.09) ја продолжува посетата на Либан со средба со претседателот Мишел Сулејман, како и со претседателите на парламентот и на владата. Потоа Бенедикт Шеснаесетти во Бејрут ќе има важна средба со водечките муслимани на земјата, по што ќе одржи и говор пред политичарите, дипломатите и претставници на општествениот живот.

Илјадници верници го поздравија и денеска папата на улиците на Бејрут. Неговиот портпарол Федерико Ломбарди изјави дека папата е информиран за безредијата во арапските земји, меѓу кои и за оние во Триполи, но тоа воопшто не го поколебало за продолжување на неговата посета на Либан. Тридневната посета е „во целина земено - мировна порака“, особено важна со оглед на тензиите во регионот, вели Ломбарди.

Papst Benedikt XVI im Libanon
Фотографија: Reuters

Ватикан постојано го истакнува верскиот карактер на посетата на Либан, но папата уште на првиот ден во Бејрут упати конкретни зборови во врска со крвавиот конфликт во Сирија: лиферувањето оружје до соседната земја мора да „прекине“, зашто „без оружје не може да се води војна“. Сирискиот конфликт во последно време се прелева и во Либан. Градот Триполи во северниот дел од земјата уште од мај повеќе пати е арена на насилство меѓу сунитските противници и алавитските приврзеници на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Папата Бенедикт Шеснаесетти на почетокот на посетата повика на поголема толеранција меѓу верските групи во земјата. Познатата „либанска рамнотежа“ е лабилна во висока мера, рече тој, истовремено фалејќи ја улогата на христијаните во Либан. Нивното присуство, ангажираноста и осведоченоста се „признат и многу ценет придонес“ во секојдневниот живот на сите жители во земјата, рече папата.

Синоќа тој во Хариса заедно со црковни великодостојници потпиша папски документ, со кој се повикува на мир и помирување во регионот на Блискиот Исток. Околу 35 проценти од четиримилионскиот Либан се христијани, најголем дел католици.