1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата Бенедикт 16-ти воодушевено пречекан во Варшава

Томас Раутенберг25 мај 2006

Поглаварот на Католичката црква е во четиридневна посета на Полска. Посетата – придонес за полско-германско помирување

https://p.dw.com/p/Ac6L
Бенедикт 16-ти и Лех Качински
Бенедикт 16-ти и Лех КачинскиФотографија: AP

На варшавскиот аеродром Папата го поздравија претседателот на државата Лех Качински и построената почесна воена гарда.

На улиците на полскиот главен град излегоа дестици илјади луѓе за да му пожелаат добредојде. Папата им се заблагодари на свој начин – ги поздрави Полјаците на нивниот мајчин јазик, јазикот на својот претходник: „Се радувам што денеска можам да бидам меѓу вас, на почвата на Република Полска. Многу ја посакував оваа посета во земјата и кај народот од кои потекнува мојот сакан претходник, слугата божји Јован Павле Втори. Дојдов за да ги следам неговите траги, да го придружувам неговиот животен пат“.

Претходно полскиот претседател Лех Качински ја удостои посетата на Папата како голем гест и знак на натамошно помирување меѓу полскиот и германскиот народ. Папата го продолжува она, што го започна Јован Павле, најголемиот син на Полска и пријател на Бенедикт, рече Качински. „Симболиката на ова судбинско решение е неповторлива. Полска и Германија се нации кои се географски блиски и истовремено низ историјата често пати биле одвојувани. Денес стоиме се’ поблиски едни до други и сегашноста ни дава најдобар пример на соработка на еден Германец и еден Полјак. Денес имаме чувство дека се потврдува помирувањето во една духовна мера“.

Патувањето на Папата на аџилак низ земјата на својот претходник веројатно ќе биде настан на годината во Полска – во тоа не се сомневаат луѓето на улица: „Сакам лично да го видам. Чест е за мене лично да го поздравам, а не само да го гледам на телевизија“, вели една жена.

Според една репрезентативна анкета, 74 насто од Плјаците се уверени дека посетата на Папата натамошно ќе го поттикне помирувањето меѓу Полјаците и Германците. Тоа го истакна и кардинал Јозеф Глемб, примас на католичката црква во Полска. „Кардинал Рацингер доаѓа како Германец во Варшава, која беше разорена од Германците. Но, изминатите повеќе од 60 години донесоа енормни промени. Многу е важно дека од Рим доаѓа бискуп - не Полјак, туку Германец – и заедно со нас ќе се моли во Варшава. Ние го примаме многу срдечно“. Попладнево Папата се среќава со врвот на полската католичка црква.

На мисата што Бенедикт 16-ти ќе ја држи во полскиот главен град се очекува присуство на еден милион луѓе. До недела поглаварот на католичката црква ќе ги посети манастирот Јасна Гора кај Ченстохов, Краков и Вадовице, местото во кое се роди Карол Војтила, подоцнежниот Папа Јован Павле Втори. Со посебно внимание во меѓународната јавност е регистриран податокот дека в недела Бенедикт 16-ти ќе го посети некогашниот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау.