1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панчев: Знаењето треба да се покаже на терен

9 март 2012

Неодамнешниот пораз на Македонија од Луксембург предизвика силна реакција во фудбалската јавност. Цел на критиките се и Фудбалската федерација, и селекторот и играчите.

https://p.dw.com/p/14I1K
Дарко ПанчевФотографија: DW

Долго македонскиот фудбал беше во длабок зимски сон. Прволигашките екипи со позитивно финансиско салдо главно беа далеку од видното поле, стационирани во турскиот центар за зимски подготовки, Анталија. Македонската спортска јавност имаше други поинтересни преокупации: ракометни, кошаркарски, ватерполо. Се‘ до поразот на фудбалските избраници од Луксембург со 2:1. Резултат, кој активира нова лавина тешки обвинувања за сите инволвирани во и околу репрезентацијата. Дарко Панчев ги коментира актуелните состојби во мак-фудбалот:

„Гледајќи ги резултатите на репрезентацијата 7-8 години наназад, може да се каже дека овој пораз и не е некое огромно изненадување. Оваа генерација за жал и во минатото имаше киксови против Андора, па нерешениот резултат со Лихтенштајн и така натаму. Ова е веројатно одраз на целата состојба во која се наоѓа македонскиот фудбал, како на домашен план, така и со недостиг на поголем број на квалитетни интернационалци.“

Џон Тошак, тренерот со потврдено искуство, засега не успева да го запре резултатското тонење на репрезентацијата. Според Панчев, се‘ уште е рано да се оценува работата на селекторот.

„Не би сакал да коментирам нешто посебно околу Тошак, затоа што тој не е име кое се движело во нашите фудбалски кругови. Навистина, тој си има своја тежина, одреден багаж зад себе и заради тоа е донесен тука. Но, не би коментирал за него затоа што е се‘ уште рано да се коментира неговата работа. Тој репрезентацијата ја води само во неколку натпревари. Веројатно проблемот треба малку подлабоко да се бара. Не верувам дека проблемот е само во Тошак.“

Вината е и кај фудбалерите

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballfans
Кога фудбалските навивачи ќе се радуваат на извонредни успеси?Фотографија: Petr Stojanovski

Кошаркарската и ракометната селекција ги освојуваат симпатиите со посветеноста и пожртвуваноста кон националниот дрес. Во тој поглед, односот на фудбалерите заостанува. Панчев смета дека оваа генерација мораше да даде многу повеќе.

„Вината за резултатите не треба да се бара само во работењето на ФФМ и на стручниот штаб. Вината лежи и во играчите, бидејќи тие се оние кои излегуваат на терен. Не верувам дека некој може да им каже на играчите: „Еј, денес против Луксембург играјте лошо, не смеете да победите!“ Ако според нашите спортски медиуми има играчи кои вредат десетици милиони евра, тогаш тие играчи на терен мораат тоа и да го покажат. Затоа што такви играчи немаат ни Андора,ниту Луксембург, но ете се случува тие да не‘ победат. Значи, прашањето е покомплексно, проблемот е поголем и би било погрешно кога вината за резултатите би се барала само во раководните структури.“

Квалитетен Вардар е придобивка за фудбалот

Mazedonien Fußball Vardar Skopje
Фотографија: DW

Вардар е една од неизбежните теми во разговорите со Дарко Панчев.Тема, која е сега многу попријатна за коментирање, за разлика од летото.

„Тоа што Вардар се врати таму кадешто му е местото во врвот од фудбалот во Македонија, е пред се‘ добро за фудбалот, како и за самиот Вардар. Сево ова ќе е уште подобро ако е работа на подолги патеки, ако е тоа еден подолгорочен проект. Ако е краткотрајно, нема да биде добро. Инаку, ме радува што Вардар е сега таму каде што е.“

Македонскиот фудбалски шампионат продолжува веќе овој викенд. Трката за шампионската титула Дарко Панчев ја лоцира меѓу триото Вардар, Металург и Шкендија.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска