Панихида за жртвите од бродот „Илинден“
17 октомври 2009Тага, болка и насолзени очи. Со цвеќе во рацете и неми поглед упатени кон охридските свештеници, кои во катедралната црква „Света Софија“ отслужија богослужба во спомен на петнаесетте жртви кои на петти септември годинава ги загубија животоите при несреќата на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро. Уште сме во шок и на болката и` нема крај, вели Светла Николова, чија мајка беше една од жртвите:
„Ви благодариме што го организиравте поменот и сочуствувате со нашата болка. Загинатите имаа желба да го видат Охридското Езеро за кое во Бугарија се зборува многу и им се допаѓа на сите. Мајка ми имаше преголема желба да дојде тука. Дојде и животот и заврши во езерото.“
Денеска почна и финалното експертско вештачење
Истражниот судија Весна Кичеец деновиве го доставила Извештајот од истрагата на вештите лица, кои заедно со експертите од Словенија, Хрватска, Бугарија и Македонија треба да го извршат вештачењето на бродот „Илинден“.
Од финалното вештачење ќе зависи дали обвинителниот акт ќе биде проширен и на други лица инволвирани во бродската несреќа, или, пак, како единствен обвинет за несреќата ќе остане капетанот на бродот „Илинден", Сотир Филески, кој од денот на несреќата, 5 септември е во притвор.
Автор: Милчо Јовановски
Редактор: Трајче Тосев