1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистан не смее да остане на цедило

20 август 2010

На вонредна седница на Генералното собрание на ОН посветена на Пакистан, повеќе земји ветија зголемување на хуманитарната помош за земјата. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун се заложи за долгорочна помош.

https://p.dw.com/p/Os37
Фотографија: AP

„Пакистан е изложен на споро цунами. Неговата разурнувачака сила ќе се зголеми со текот на времето,“ со овие зборови, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, се обиде да им појасни на учесниците на вонредната седница за катастрофата од поплавите во Пакистан дека времето притиска и дека се потребни пари.

ОН во првиот повик за итна помош побараа 460 милиони долари од меѓународната заедница. Генералниот секретар се заложи ветувањата од државите да бидат преточени во дела. Имено, според последните проценки на осум милиони луѓе им е потребна итна помош. Вкупно 20 милиони луѓе се погодени од природната катастрофа.

„Тоа се повеќе отколку по цунамито во Индискиот океан, земјотересите во Кашмир и на Хаити, како и по тропската бура во Мијанмар заедно,“ нагласи Бан.

Pakistan Flut Katastrophe 2010
Фотографија: AP

Пакистан не може сам да се справи со катастрофата

Поради тоа што монсунските дождови можат да потрајат уште неколку недели, жителите на Пакистан стравуваат од втор и трет бран поплава, од заразни болести и уништување:

„Размерите на катастрофата се толку големи, што една земја во развој не може самата да илезе на крај со последиците.“ рече пакистанскиот министер за надворешни работи Махмут Куреши. Притоа Пакистанците се надеваат дека меѓународната заедница ќе им помоге.

За време на седницата во ОН, многу земји ветија натамошна поддршка, од медицинска до помош во транспорт. Така на пример недостасуваат хиликоптери, а тие се единственото превозно средство за да се стигне до отсечените региони.

САД и други земји ја зголемуваат помошта

Министерката за надворешни работи на САД Хилари Клинтон вети натамошни 60 милиони долари:

„Би сакала луѓето во Пакистан да знаат дека САД се со нив кога се искачува и паѓа водостојот во нивните реки, кога ќе ги поправаат улиците и ќе ги обработуваат полињата и кога ќе почнат со долгорочната обнова.“

UN Vollversammlung Pakistan
Седница на Генералното собрание на ОН во ЊујоркФотографија: AP

Велика Британија во меѓувреме ја удвои помошта на 100 милиони долари. Германија истотака ја зголеми помошта за дополнителни 10 милиони долари. Државниот секретар Вернер Хојер, кој ја претставува германската влада во Њујорк е оптимист од постигнатиот резултат на конференцијата, но нагласи:

„Поважно е сега да се постават основите и да бидат создадени предусловите, преку краткорочната хуманитарна помош, на која наредните недели ќе и‘ посветиме големо внимание, да почнат подготовките за среднорочната и долгорочната помош, на која ќе треба ди се посветиме со години.“

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун има намера во септември, за време на Генералното собрание на ОН, да ги повика шефовите на држави и влади да се мобилизираат за натамошна помош за Пакистан.

Автор: Лена Бодевајн/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска