1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистански министер нуди пари за убиство на авторот на антиисламското видео

ЕМФ/дпа/дв23 септември 2012

Тензиите околу антиисламското видео продуцирано во САД не стивнуваат. Еден пакистански министер сега нуди 100.000 долари за оној што ќе го убие авторот на видеото.

https://p.dw.com/p/16Ctq
Фотографија: dapd

Пакистанскиот министер за железници Гулам Ахмад Билур, како што јави пакистанскиот весник „Даун“, ветува пари за оној што ќе го убие лицето што е одговорно за „богохулството“. Истовремено, тој ги повикува талибанците и терористичката мрежа Ал Каеда да му дадат поддршка. Нему му е јасно дека станува збор за кривично дело кога луѓето се повикуваат на убиство, признава министерот, но додава дека „друг пат нема“ за на „богохулниците да им се влее страв“.

Само лично мислење?

Портпарол на пакистанската влада и претставник на партијата на Билур - АНП, се дистанцираа од ваквите изјави. Тие за британската Би-Би-Си изјавија дека тоа е лично мислење на министерот.

Продуцент на видеото во кое пророкот Мухамед е прикажан како насилник и женкар, според досегашните информации, е коптски христијанин кој живее во САД. Во многу исламски земји со денови има крвави протести и безредија поради видето. Освен тоа, дополнителни тензии предизвикаа и карикатурите на Мухамед што дополнително ги објави еден француски сатиричен магазин.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле се изјасни против објавување вакви карикатури. Кон слободата припаѓа и одговорноста, изјави тој за „Велт ам Зонтаг“. „Понекогаш прашањето не е дали нешто смее да се направи, туку дали треба да се направи“, нагласи Вестервеле.

Во Германија вчера (22.09) имаше протести на муслимани, втор ден по ред. Во Дортмунд на улица протестираа околу 1.500, а во Карлсруе околу 200 луѓе. Собирите минаа мирно.

Во Пакистан, каде во петокот во насилните протести по петочните молитви загинаа најмалку 23 лица, вчера имаше зголемен степен за безбедност. Во Бангладеш алијанса на 12 исламски партии за денеска повика на генерален штрајк во земјата.