1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ошлис: Германија и ЕУ немаат искрени намери кон Македонија

БГ/миа25 јануари 2014

Германскиот професор и балканолог смета дека германската канцеларка не гледа со симпатии кон Србија и Македонија. За Германија пресудата од Хаг ништо не значи, вели Ошлис.

https://p.dw.com/p/1Ax6E
Фотографија: MIA

Германија и членките на ЕУ и НАТО немаат искрени намери кон евроатланската интеграција на Република Македонија, бидејќи и покрај постоењето на Пресудата од Хаг во корист на Скопје, тие инсистираат на решавање на спорот за името, кој е неоснован, смета германскиот професор и балканолог Волф Ошлис.

„Германија и сите членки на ЕУ и НАТО непречено го поддржуваат фактот дека Македонија „мора да биде во ЕУ“, дека „вратите на ЕУ остануваат отворени за Македонија„ и т.н. Тоа се само глупави и нечесни фрази, пред се, од Германија, која нема искрени намери во однос на Македонија, и ако ги има тие се само пусти желби“, вели Ошлис во интервју за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.

Во однос на прашањето за намерите на Меркел и Германија Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО без ултиматум, Ошлис потсетува на изјава на канцеларката за евроинтеграциите.

„...Канцеларката Меркел, веќе пред неколку години изјави дека уште Хрватска ќе влезе во ЕУ, потоа вратите на Унијата ќе бидат затворени, за една долга, долга „пауза“. Економската руина Хрватска со своите 50 милијарди евра долгови кон странство од ланскиот јули стана членка на ЕУ. Истата Ангела Меркел има антипатија кон Mакедонија и Србија, а таа антипатија ја прави беспомошна Европската унија...“ оценува германскиот професор.

Овој експерт за Балканот и Македонија, појаснува и додава дека „Ангела Меркел, воопшто не вложува напор да ја скрие својата антипатија“. Притоа тој потсетува дека во 2012 година Берлин го посети македонска политичка делегација, која имаше средба со германската канцеларка. Таа, вели, им го честита успехот пред Хашкиот суд на правдата во таканаречениот спор околу името и во истиот здив изјави: „А сега вие морате да го завршите спорот околу името“.

„За Грција тоа беше еден сигнал дека документот - Пресудата од Хаг, за Германија ’ништо’ не значи и дека со благослов на германската канцеларка можат да го продолжат својот агресивен курс против Македонија“, додава аналитичарот Ошлис.