1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очалан нуди повлекување на курдските бунтовници

Б. Георгиевски/ртр27 февруари 2013

Новиот план за ставање крај на турско-курдскиот конфликт предвидува повлекување на бунтовниците од северна Турција, но и поголеми права за Курдите во земјата, вклучително и признавање на нивниот идентитет во Уставот.

https://p.dw.com/p/17mfg
Фотографија: AFP

Курдскиот лидер Абдула Очалан понуди повлекување на неговите борци од Турција до август годинава, доколку Анкара ги спроведе реформите понудени со планот со кој треба да се стави крај на 28-годишниот конфликт.

Иако е во затвор од 1999. година, Очалан од октомври минатата година е активно вклучен во преговорите со турската влада за запирање на конфликтот во кој досега загинаа повеќе од 40 илјади луѓе.

Според планот, кој им бил испратен на главната про-курдска политичка партија како и на раководството на Курдската работничка партија (ПКК), бунтовниците треба да започнат со примирје од 21 март, објавија медиуми блиски до турската влада. Според проценките, ПКК има околу две илјади борци во северна Турција и уште неколку илјади во бази во северен Ирак. Нивното повлекување од Турција треба да заврши до 15 август, на 29. годишнина од почетокот на конфликтот.

Документот на 20 страници кој го изработил Очалан досега не е објавен и неговата автентичност не може да се потврди, но претставници на двете партии потврдија дека имале увид во него. Идрис Балукен од про-курдската Демократска партија изјави дека документот им бил испратен и на курдски претставници во северен Ирак и во Европа и тие треба да го кажат своето мислење во следните две недели.

Успехот на планот зависи од тоа дали Турција ќе ги спроведе реформите со кои треба да се зголемат правата на курдското малцинство, кое брои околу 15 милиони луѓе, или 20 проценти од населението во Турција. Со планот на Очалан не се бара автономија за Курдите.

Türkei Ministerpräsident Tayyip Erdogan in Istanbul
Речеп Таип ЕрдоганФотографија: Reuters

Во изминатата деценија откако е на власт, турскиот премиер Речеп Таип Ердоган промовираше реформи со кои им се овозможија пошироки културни права на Курдите, но курдските политичари бараат посеопфатни потези, вклучително и уставни гаранции за курдското малцинство и образование на мајчин јазик. Со планот на Очалан се бара признавање на курдскиот идентитет во Уставот и зајакнување на локалната самоуправа, по што би следело повлекување на курдските бунтовници.

Според неофицијални изјави од двете страни, курдските бунтовници кои ќе го предадат оружјето нема да бидат амнестирани, туку ќе им се овозможи да заминат во егзил.