1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридското Езеро -„Музеј на живи фосили“

Милчо Јованоски 19 мај 2012

Првата асоцијација за Охрид е рибата пастрмка. Во Охридското Езеро старо меѓу 3 и 5 милиони години живеат над 200 ендемични организми, флора и фауна. Освен науката, јавноста знае малку за нив.

https://p.dw.com/p/14yd7
Фотографија: DW

Охридското Езеро е редок природен феномен од тектонско потекло, најстаро во Европа и едно од најстарите во светот. Геолошки не враќа во времето на ледениот период. Се формирало пред 3 до 5 милиони години и со 155 метри просечна длабочина е најдлабоко во Европа. Има и многу други податоци кои го вреднуваат во ретките езера во светот, но за нив малку се знае. Од 1935 во Охрид постои Хидробилошки институт коj придонесе за научната валоризација на Езерото. Академик Синиша Станковиќ, со кого се врзуваат најблескавите моменти на институтот, Охридското Езеро го нарекол: „Музеј на живи фосили“. Од 1980 година, Езерото и Охрид се дел од Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.

Непроценливо богатство од ендемичен жив свет

„Првата асоцијација за езерото е ретката риба пастрмка. Но, од вкупно 1.200 други видови во езерото од кои половината се животински, дури 212 се ендемични. Споредено со површината Охридското Езеро е со највисок и најбогат биодиверзитет во светот“, вели д-р Сузана Патчева, од неодмана нов директор на Институтот. Дел од ендемичните видови се непроменети од терциерниот период до денес, на пример сунѓерот, над 70 видови на полжави стари околу 30 милиони години, чии роднини можат да се најдат само во Бајкалското Езеро во Русија, како и ендемичните црви. Реликтниот свет го надополнуваат: школките, пијавиците, ракчињата, виленските коњчиња и ред други. Сите тие се значајни за еволуцијата на Езерото, но и за живиот свет воопшто. Патчева, чија специјалност се алгите вели: „Во Езерото живеат импозантни 600 до 700 видови алги од кои дури 100 се ендемични. Дел од нив живеаат на длабочина од 150 метри и до нив не допира светлина, а сепак опстојуваат“.

Institut für Hydrobiologie in Ohrid Suzana Patceva
д-р Сузана Патчева, директор на Хидробиолошкиот институт во ОхридФотографија: DW

Во езерото егзистираат четири автохтони семејства на риба, вели д-р Трајче Талевски и објаснува: „Досега се сметаше дека од видот на пастрмките во езерото живеат само охридската пастрмка и белвица. По новата систематизација на рибите во Европа има пет видови пастрмки. Слично е и кај другите риби, од подвидови преминаа во видови и станаа позначајни за науката. Биологијата е многу динамична и секојдневно стигнуваат нови информации. На пример за охридскиот грунец се сметаше дека го има и во Скадарското Езеро, се докажа дека е ендемичен само во нашето езеро. Охридското мало грунче со само 5 до 6 сантиметри должина е најмал претставник на рибнот свет на Балканот. Така е и со плашицата која е една од најпознатите, сврзана со изработката на популарните Охридски бисери“.

Свадбениот пат на јагулата заборавен мит

Охридското Езеро го има во голем број учебници по зоологија со нерешената мистерија на јагулата. Таа доаѓа во Езерото од Саргаското Море, оддалечено илјадници километри и поминува околу 10 години во длабочините на Охридското Езеро додека да созрее полово. Потоа, водена од необјаснет инстинкт се враќа кон своето родно место. Таму се размножува и умира, а потомците се враќаат во Охридското Езеро. Цивилизацијата го наруши овој природен пат и сега овој ритуал на јагулата се врши по вештачки пат.

Fisch Aal Anguilla Anguilla Flash-Galerie
ЈагулаФотографија: picture alliance/dpa

Многу тајни на Езерото чекаат некој да ги прераскаже

Во Хидробилошкиот институт не ја забораваат идејата за постојана поставка на ендемичните видови, која ќе е достапна за сите. Имаат отворени аквариуми, но тоа не е доволно. Признаваат дека финансиите се пречка почесто да се зафаќаат со популаризација на богатството на Езерото и бројните истражувања, кои ќе излезат од рамките на стручните и научни конференции.

Fangverbot und Zucht haben Ohrid-Forelle gerettet
Охридска пастрмкаФотографија: dpa

„На Хидробилошкиот институт, како прва научна установа на Балканот основна цел му се примарните истражувања со кои се опфатени анализите на физичко-хемиските карактеристики на одделни биотопи, нивните животни заедници, врски и опстанок. Во тек се неколку национални и меѓународни научно-истражувачки проекти“, вели д-р Патчева. Таа најавува соработка со Институтите од регионот и Европа и почесто присуство на институцијата во целина со ставови кога се во прашање нарушувањата на еко-системот во Охрид и регионот. Бистрината и богатството со природни извори и со векови таложените седименти, дебели стотици метри се „историски записи“ за Езерото и случувањата. Има докази дека до Охрид стигнале вулкански ерупции на Везув и Етна! Многу вистински приказни чекаат некој да ги прераскаже, а Охрид да ги искористи во сопствената дополнителна туристичка и културна промоција.