1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридската бродска несреќа се‘ уште е неразјаснета

5 септември 2010

Со црковен помен и посета на местото на трагедијата, денеска (05.09.2010) во Охрид се одбележува годишнината од бродската несреќа, во која загинаа 15 туристи од Бугарија. Отворени прашања се‘ уште има.

https://p.dw.com/p/P4ef
Бродот „Илинден“ потона на 5 септември 2009 годинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Претпладне помен за трагично загинатите, попладне - делегации на општините Охрид, Антов и Пирдоп предводени од градоначалниците на трите града ќе го посетат и местото кадешто пред една година потона туристичкиот брод „Илинден“. Цвеќе ќе биде положено и на спомен-обележјето поставено на почетокот на Кејот на Охридското eзеро пред хотелот „Милениум“, во знак на сеќавање на жртвите чии животи згаснаа на 5 септември минатата година.

Schiffsunglück Mazedonien Ohrid
Бугарија се‘ уште не ги добила сите документи од аутопсијата на телата на удавените бугарски туристи, вели обвинителот Божидар ЏамбазовФотографија: MIA

Бродот „Илинден“ потона во водите на Охридското eзеро, на околу 250 метри од брегот во близина на автокампот „Елешец“. Во врска со несреќата, пред Основниот суд во Охрид се води судска постапка против капетанот на „Илинден“ Сотир Филевски, за извршено тешко кривично дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Филевски се товари дека ја предизвикал несреќата со тоа што на бродот дозволил да се качат 56 лица, иако според техничката дозвола бројот е ограничен на најмногу 43 патници.

Инаку, според Божидар Џамбазов, бугарскиот јавен обвинител задолжен за истрагата во врска со потонувањето на туристичкиот брод „Илинден“, македонските власти се‘ уште не ги доставиле сите документи од аутопсијата на телата на удавените бугарски туристи. Тој појаснува дека од македонските власти ја побарал, но се‘ уште не ја добил целосната документација од спроведените судски вештачења врз телата на загинатите, техничките податоци од експертските вештачења на самиот брод, како и од изјавите на сведоците во истражната судска постапка што во Охридскиот основен суд се води против капетанот Филевски и Бранко Баиќ, надлежниот претставник на германски „Лојд“, кој ја гарантирал техничка исправност на потонатиот брод. Според Џамбазов, од наводите во тие документи ќе зависи дали и бугарското обвинителство ќе покрене обвинителен акт против одговорните за несреќата. Бугарските власти со парична казна од 4.500 лева, како и двегодишна забрана за туристичка дејност, веќе ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид. Бугарските судски власти ја прогласија Георгиева виновна затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.

Schiffsunglück auf dem Ohrid See in Mazedonien
Пред Основниот суд во Охрид се води судска постапка против капетанот на „Илинден“ Сотир ФилевскиФотографија: picture-alliance/ dpa

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Александра Трајковска