1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Официјален Париз не сака да полемизира со Груевски

Тони Гламчевски22 мај 2012

Портпаролот на француското МНР вели дека Париз во целост ги прифаќа заклучоците од самитот во Чикаго

https://p.dw.com/p/1505X
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче Веле се обрати до официјален Париз за да добие реакција по Самитот на НАТО во Чикаго и заклучоците во однос на приемот на Македонија во Алијансата како и изјавите на македонскиот премиер Никола Груевски за „дволичноста“ и двојните стандарди на големите сили како САД, Франција и Германија.

Портпаролот на министерството за надворешни работи, Бернар Валеро во краткиот одговор најнапред нагласува дека „проширувањето на НАТО не беше на дневниот ред на самитот во Чикаго“. Официјален Париз не сака да навлегува во полемики во однос на изјавите на македонскиот премиер.

„Не е ни место, ни време за полемики“, вели во писмениот одговор Бернар Валеро.

Франција целосно стои зад заклучоците на НАТО

„Што се однесува до Македонија, Франција целосно ги прифаќа заклучоците од Самитот кои се однесуваат на неа“, додава портпаролот на Кеј Д’Орсеј и поранешен амбасадор на Франција во Македонија.

Во завршната декларација на земјите членки на НАТО, од Самитот во Чикаго, се вели дека ги повторуваат заклучоците од самитот во Букурешт во 2008 година, дека ќе упатат покана до Република Македонија за членство во Алијансата штом се најде заемно прифатливо решение на прашањето за името. Во заклучоците воедно се оценува дека брзо изнаоѓање на вакво решение, и македонското членство во НАТО, ќе придонесат кон безбедноста и стабилноста на регионот.

„Го охрабруваме продолжувањето на преговорите без одложување и очекуваме дека ќе бидат завршени што е можно поскоро. Ги поздравуваме и продолжуваме да ги поддржуваме реформските напори на поранешната југословенска република Македонија и го охрабруваме нивното натамошно спроведување. Исто така, би сакале да ги охрабриме напорите дополнително да се изгради мулти-етничкото општество. Го цениме значителниот придонес на поранешната југословенска република Македонија кон нашите операции, како и нејзината активна улога во регионалните активности за соработка. Ја цениме долготрајната посветеност на поранешната југословенска република Македонија кон процесот на членство во НАТО“, пишува во делот од декларацијата посветен на Македонија.