1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Официјален Париз бара од Македонија и Грција да извлечат поука

7 декември 2011

Официјален Париз ја зема предвид пресудата против Грција на Судот во Хаг, но во исто време испраќа повик до властите во Скопје и Атина да извлечат поука од пресудата, гласи писмената реакција за Дојче вече на Кеј д‘Орсеј

https://p.dw.com/p/13O3W
Зградата на Министерството за надворешни работи во ПаризФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние ја зедовме предвид пресудата донесена на 5 декември од Меѓународниот суд на правдата, кој оцени дека Грција не ги почитуваше своите обврски, спротивставувајќи се на членството во НАТО на Поранешната Југословенска Република Македонија, поради разликите кои постојат меѓу двете земји околу прашањето за името“, стои во писмената реакција на портпаролот на француското министерство за надворешни работи, Бернар Валеро на пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.

Официјален Париз преку портпаролот на министерството за надворешни работи истовремено испраќа и повик до политичките раководители на двете земји да извлечат поука од пресудата.

„Ние ги повикуваме политичките раководители на двете земји да извлечат поука од пресудата и повторно да воспостават дијалог и контакти, како и да се посветат на дијалогот на конструктивен начин, со цел да се постигне заемно прифатливо решение за разликата околу името“, се вели во писмената изјава за Дојче веле на портпаролот на Кеј д‘Орсеј, Бернар Валеро, инаку поранешен француски амбасадор во Македонија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска