Офанзива на германските издавачи
18 декември 2009Колку читателите ширум светот ја познаваат германската литература? „Литературата од Германија е многу трезвена“, вели една читателка од Кина.
Во Франција пак може да се добие овој одговор. „Германските книги, за жал, не ги знаеме“.
Еве пак што вели еден Англичанец: „Ми паѓаат на памет само Ниче и Гете.“
Германската литература во светот не е толку успешна како конкуренцијата, од англиското говорно подрачје. Додуша популарноста на германските наслови е се` поголема. Книжарниците кои по лиценца во странство продаваат германски книжевни дела во последните години пријавуваа поголем профит и тоа за 50 насто.
По Гинтер Грас запознавање со Херта Милер
Андреас Шмол работи во институтот „Гете“ и е задолжен за поттикнување на преведувањето на германски литературни дела. Тој е упатен во тоа што најмногу се чита во странство: „Германските класици, вклучувајќи ја и философијата, и до денес се многу барани, но продажбата на тие наслови не расте. Во светот се` повеќе се бараат најразлични прирачници, а посебно книги за деца“
Шмол е во право. Речиси една четвртина од продадените германски книжевни наслови во странство не е белетристика туку прирачници и литература за деца. Се разбира интересот за најпризнатите германски писатели и натаму постои. „Може да се каже дека Гинтер Грас, а сега и Херта Милер, во светот станаа попознати откако беа наградени со Нобеловата награда за литература.“
Одлучувачка е историската содржина
Рецепт за сигурна продажба се и екранизираните романи. Филмот снимен по романот на Патрик Зискинд „Парфем“ позитивно влијаеше и врз продажбата на истоименото книжевно дело.
Ист е случајот и со романот на Бернард Шлинк „Читачот“. За главната улога во истоимениот филм актерката Кејт Винслет годинава беше наградена со „Оскар“.
Одлучувачка притоа е историска содржина на овие романи: „Германската литература со историски содржини, особено оние од времето на националсоцијализмот и на Германската Демократска Република е многу барана во странство, особено во соседните земји Полска или Франција.“
Ако некој книжевен наслов во Германија стане хит, тогаш тоа во секој случај е препорака да се понуди и на пазарот во странство. Предност имаат историските дела и книгите со многу илустрации.
Автор: Ајгул Чижмечиоглу/Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска