Отпори во американската јавност за политиката на Буш кон Ирак
16 јануари 2007Џорџ Буш побара од републиканските политичари поддршка против најавата на противничкиот табор на демократите дека ќе се обидат да ги сопрат плановите на претседателот во двата пратенички дома, каде по изборите се стекнаа со мнозинство.
На прашањето дали може да го игнорира отпорот во Конгресот, каде демократите имаат мнозинство пратеници, Џорџ Буш во интервју за ТВ станицата СиБи Ес порача:
“Во актуелната ситуација – да! Демократите би можеле да се обидат да ме сопрат, но јас ја донесов одлуката: продолжуваме во Ирак!“
Џорџ Буш призна и во ова интервју оти било погрешно што на почетокот од војната испратил недоволно војници во Ирак за уште на време да го скрши отпорот. Но, тоа не менува ништо во неговата одлука да испрати засилување во Ирак и да се обиде на тој начин да ја поддржи актуелната влада во Багдад, така што таа до ноември годинава би можела да ја преземе одговорноста за безбедноста во сопствената земја. Тоа би било токму една година пред претседателските избори во САД, со што Буш се надева дека ќе ја одбегне казната од избирачите за непопуларната војна во Ирак.