1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Отоманскиот ѕид“ ги скара Турција и Лувр

Џевад Сабљаковиќ / Темјана Поповска 14 ноември 2012

Анкара бара да и‘ бидат вратени три „украдени“ делови од „Ѕидот на отоманската керамика“, во Лувр. Познатиот музеј од Париз тврди дека уметничките дела се негова сопственост преку легална продажба кон крајот на ХIX век.

https://p.dw.com/p/16fUh
Фотографија: Louvre

Турскиот дневен весник „Радикал“ минатата недела објави дека „Лувр во Одделот за исламска уметност изложува украдена керамика“. До ова откритие дојдоа претставници на турското министерство за култура, кои, откако познатиот париски музеј ја претстави новата поставка „Исламската уметност“, скришно го снимиле „Ѕидот на отоманската керамика“. Во новата поставка експонатот составен од повеќе керамички паноа, долг 12 и широк 7 метра, зафаќа едно од централните места. Преку анализа на снимките, стручњаците од турското министерство за култура констатирале дека Лувр нема право на сопственост на трите делови од „Отоманскиот ѕид“ или „Ѕидот на времето“.

Весникот наведува дека станува збор за три паноа, три тимпани од Пијал пашината џамија во Истамбул. Внатрешноста на џамијата, изградена од отоманскиот архитект Синан во 1573. година, ја краселе осум тимпани кои се состоеле од плочки од фајанс со цветни мотиви. Од весникот тврдат дека до сега низ американските и европските музеи се пронајдени пет од тие осум тимпани. Останатите три пред повеќе од еден месец во одделот „Исламска уметност“ ги изложи Лувр.

Eroeffnung Sektion "Islamische Kunst" im Louvre Museum
Детал од изложбата за исламска уметност во ПаризФотографија: AP

Турција започна процедура за враќање

Турскиот министер за култура Ертугрул Гинаи ги потврди инфомациите од весникот „Радикал“ и додаде дека испратил двајца функционери од Министерството за да започне процедурата на враќање на „тие делови со непроценлива вредност“. Меѓутоа, главните луѓе од Лувр изјавуваат дека тие немаат добиено никакво официјално барање од Анкара , и дека за враќање не може ни да се размислува: секој дел од „Отоманскиот ѕид“ пристигнал до Лувр апсолутно легално - преку набавувањето кон крајот на XIX век.

Ова е втор спор меѓу Анкара и Лувр, и тоа пак околу керамичката уметност. Амбасадата на Турција во Париз пред неколку години бараше на нејзината држава да и‘ бидат вратени слични уметнички дела, кои првенствено биле дел од мавзолејот на султанот Селим II (1577 година) и гробот на Мурат III (1597 година) како и од библиотеката на Махмуд I (1739 година). Француските власти тогаш одговорија дека ниту според француските закони, ниту пак според меѓународното право (кое е содржано во конвенцијата на УНЕСКО), „споменатите дела не можат да бидат предмет на реституција“.

За оваа нова афера надлежните од музејот потсетуваат дека Франција ја ратификуваше Конвенцијата на УНЕСКО против незаконска трговија со уметнички предмети на 14.11.1970. година. Меѓутоа, конвенцијата не може да се применува ретроактивно, односно врз она што се случувало пред датумот на усвојување на Конвенцијата. Тие истакнуваат дека сето она што е дел од поставката „Исламска уметност“, се наоѓа во јавната француска колекција од периодот меѓу 1871- 1940 год. „како подарок, наследство или откуп“ во потполно легални услови, доколку се земат во предвид прописите кои важеле во тој период.

Eroeffnung Sektion "Islamische Kunst" im Louvre Museum
Фотографија: AP

Мистериозно потекло

Заради таа формулација, може да се постави прашањето дали понекогаш Конвенцијата служи и за покривање на некои дамнешни продажби, односно купувања, кои всушност и не биле толку транспарентни. Турција наведува дека спорните тимпани во Франција ги донел извесен Алберт Сорлин Дорињи, стоматолог и колекционер, околу 1880 г. Тој долго живеел во Истамбул и наводно се занимавал со реставрација на стари споменици. Во Париз ги донел паноата од фајанс и керамиките од гробовите и библиотеките на отоманските султани, со цел да ги реставрира во познатата работилница за керамика Севр. Но, наместо да ги врати, тој ги продал на Лувр, тврдат од Анкара. Денес, на местата каде што се наоѓале оригиналите, изработени од познатите турски мајстори за керамичката уметност од градот Изник во XVI век, има копии со заштитен знак на работилницата од Севр.

Дорињи во 1890 година на Лувр му продал и еден од тимпаните од Пијал пашината џамија. Како што пишува и во официјалниот каталог на поставката „Исламска уметност“, една година пред тоа, музејот купил два исти тимпани од историчарот на уметност Гермаин Бапст. Меѓутоа, во каталогот стои забелешката дека не е целосно докажано дека сите три тимпани се од Пијал пашината џамија. Скорешните истражувања во џамијата се‘уште немаат откриено каде тие можеле да бидат вградени. Затоа, како што истакнува каталогот, нивното потекло е се‘уште мистерија.