1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Откривањето на сениорите

1 јуни 2004

Драматичното намалување на населението во Германија го запира економскиот растеж. Ова е проценка на една студија на Германскиот институт за економија во Келн.

https://p.dw.com/p/AeR7

Според неа, годишниот прираст на населението во наредните 50 години ќе стагнира на 0,9 насто. Ако се раѓаат помалку во иднина ќе има и помлаку работна сила. Ваквиот развој би можел да биде запрен ако фирмите вработуваат повеќе постари работници. Но, тоа во Германија ретко се случува. Оној што има преку 50 има малку шанси на пазарот за работа. Она што го бараат германските фирми од идните соработници е да бидат креативни, флексибилни, издржливи и пред се млади. Скоро никаде во Европа толку ригорозно не се откажува од потенцијалот на постарите работници како во Германија. Вработени се само уште 33 насто од оние меѓу 55 и 64 години. Во земјите како Шведска, Норвешка или Швајцарија тој процент изнесува до 70 насто. Лотар Функе, експерт за вработување од Институтот за економија во Келн причините за ваквата состојба ги гледа пред се во предвременото заминување во пензија и во тврдите тарифни преговори:

“Во споредба со меѓународните ние имаме претерана регулатива на пазарот за работа. Тоа посебно ги погодува постарите работници. Тие подолго примаат пари за невработеност што овозможува премин директно во предвремена пензија што во Германија е можно релативно рано. Освен тоа, работните трошоци на постарите вработени кај нас се релативно повисоки во однос со другите земји. Така, оние преку 60 во просек заработуваат една третина повеќе од оние меѓу 26 и 29 години“.

Исто така и посебната заштита од отпуштање како и поголемиот годишен одмор често ги прават постарите товар за фирмите. Подеднакво како и предрасудите на многумина работодавачи дека постарите колеги не се флексибилни и често се разболуваат. Меѓутоа, праќањето во предвремена пензија Германија не ќе може долго да си го дозволува. Повеќе години таа се наоѓа на понискиот дел на скалата на економскиот пораст. Поради недостиг на младеж во иднина ќе има се помалку експерти во фирмите. Последиците би биле драматични:

“Ако не се случи нешто, постои голема опасност и натаму да бидеме на опашката на растежот во Европската унија, а проблемите ќе се заоструваат до колку невработеноста како последица на недоволните реформи, не биде намалена. Бидејќи другите земји проблемите ги решаваат подобро, ќе постигнуваат и повисоки стапки на пораст, како и поголемо вработување, а ние ќе останеме на ниско ниво, односно и натаму ќе опаѓаме“, смета Функе.

Ако Германија остане земја на предвремени пензионери, не само што ќе опаѓа растежот, туку ќе колабираат и веќе заслабените социјални каси. Изоставувањето на постарите така се покажува дека е лош пат. Сојузната влада веќе ги направи првите чекори: сега работниците од 52 години нагоре полесно можат да добијат работа на ограничено време. Оние преку 55 само една ипол година ќе добиваат помош како невработени. Од 2008 одењето во предвремена пензија ќе биде можно дури по 63-тата година старост. А, и фирмите почнуваат да го согледуваат потенцијалот на постарите. Бизнисменот Отмар Фарион во својата инженерска фирма вработува и луѓе кои префрлиле 60 години. Колку постар, толку поискусен, верува Фарион:

“Тие се и пошироко образувани. Тоа значи дека имаат компетентност, искуства од повеќе фирми, често и од различни бранши. На тој начин можат да најдат соодветни решенија што како искуство ги носат од други фирми. Тоа помладите не го можат“.

Така мисли и Естер Лојдл од една фирма за лиферување автомобили. Нејзината меѓународна фирма со седиште во Кобург со намера бараше некого над 45 години. Клишето на многумина газди дека постарите почесто се разболуваат или не се флексибилни таа не го споделува:

“Никако не можеме да видиме нефлексибилност. Напротив, многумина патуваат, има повеќе готовност да се оди и во странство или на патувања. И кај болестите немаме негативни искуства. Меѓутоа, и ние правиме доста за нашите соработници: имаме сопствен лекар и фитнес центар“.

Овие две фирми се уште се егзотика во Германија. Земјите на Европската унија, со нив и Германија сега си поставија цел до 2010 најмалку една половина од оние меѓу 55 и 64 години активно да учествуваат во работниот живот. Ниту Германија не ќе може долго да се откажува од постарите соработници.