1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворете ги ушите, слушнете го народот!

16 февруари 2011

Опозиционите лидери во Иран Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби од владата бараат да „го слушне народот“ и ги отфрлаат обвинувањата дека протестите во понеделникот, во кои загинаа две лица, биле управувани од странство.

https://p.dw.com/p/10Hxa
Во протестите во Техеран на 14.02 има двајца загинатиФотографија: picture alliance/dpa

„Ве предупредувам, отворете ги ушите пред да биде предоцна“, напиша денеска на својата интернет-страница Мехди Каруби, еден од водечките фигури на иранската опозиција. Тој од раководството во земјата бара да извлече поука од настаните во Тунис и Египет, каде „владетелите се оддалечиле од народот“. Мир Хосеин Мусави, пак, иранските протести од понеделникот (14.02.) ги оцени како „успех на народот“.

Во протестите на илјадници противници на режимот, во понеделникот во Техеран беа убиени две лица. Денеска, според иранските државни медиуми, дошло до насилства за време на комеморацијата за еден од загинатите студенти. Според наводи на државните медиуми, се судриле поддржувачи и противници на власта.

Mehdi Karubi , oppositioneller Reformpolitiker Iran
Мехди Каруби вели дека не се плашиФотографија: ILNA

Парламентарци бараат смртна казна за опозиционите водачи

Денеска иранскиот режим повикува на демонстрации против опозицијата. Тие би требало да се одржат в петок (18.02), во Техеран. Вчера во иранскиот парламент околу 200 пратеници бараа смртна казна за Мусави и Каруби. Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, пак, протестите на опозицијата ги оцени како „безизгледни“:

„Нема да постигнат ништо. Сакаат да фрлат сенка врз зрачењето на иранската нација, но сето тоа изгледа како да фрлаат прашина кон сонцето - прашината едноставно им се враќа во очите“, изјави Ахмадинеџад за иранската телевизија.

Денеска Каруби на својата веб-страница пишува дека не се плаши од закани и дека е подготвен да ја плати неопходната цена. „Наместо да се заканувате, треба да ги ослободите политичките затвореници, да не ги потиснувате луѓето, да дозволите слобода на печатот и да го почитувате уставот“, и` порачува Каруби на власта.

Iran Teheran Protest Demonstration Opposition
Луѓето ги бараат своите права, оценува експертот за Иран Мехран БаратиФотографија: picture alliance/dpa

Иран е специфичен

Структурата на власта и општествените услови, како и напрегнатите односи на Иран со Западот, ја прават земјата и протестното движење посебен случај. Иднината на демократското движење сега е предмет на широка дебата. Според Мехран Барати, експерт за Иран кој живее во Берлин, иранските граѓански протести ќе продолжат се‘ додека не се издејствуваат политички реформи:

„Ова движење нема да запре. Иранците чекаа 30 години и сега времето е дојдено. Луѓето ги бараат своите права. Ако режимот не им ги дава тие права, тогаш движењето ќе продолжи, само не може да се предвиди времето - за 2 или 3 месеци, 6 месеци или две недели.“

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска