1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен саемот на книгата во Лајпциг

15 март 2012

Вратите за посетителите на самот на книгата во Лајпциг се отворени. Македонската литература ќе биде богато презентирана на овој значаен саем.

https://p.dw.com/p/14Krn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Лајпциг сиоќа (14.03.2012) свечено е отворен саемот на книгата. Притоа традиционално беше доделена „Книжевната награда за европско разбирање“. Таа годинава им беше врачена на историчарите Јан Кершоу и Тимоти Снајдер. Тие, како што се наведува во образложението, со своите дела помогнале преку објаснувањето на тоталитаризмот во Германија и во Источна Европа да се стекне поцелосна слика за Европа.

До 18-ти март повеќе од 2000 излагачи од 44 земји ги презентираат новинитет на германскиот и меѓународниот литературен пазар. Тежиштето на саемот годинава е во регионот на Источна Европа, односно литературата од Полска, Украина и Белорусија. Лајпцишкиот саем на книгата, е еден од најважните во оваа бранша во Германија.

Leipziger Buchmesse 2011
Големите саемски хали во Лајпциг преполни со луѓе за време на саемот на книгатаФотографија: dapd

Македонија годинава ќе има свој национален штанд на саемот во Лајпциг. На овој штанд чиј организатор е издавачката куќа „Готен“ ќе бидат изложени дела од современи македонски писатели, речиси сите кои имале преведено дело на германски јазик, неколку монографии за Македонија на германски, како и наслови од едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведени на англиски јазик.

Богато претставување на Македонија

Mazedonien Flagge Leipzig Buchmesse
Македонското знаме истакнато пред саемските хали во ЛајпцигФотографија: DW

Во рамките на заедничката програма со мрежата „Традуки“ ќе бидат промовирани македонските писатели Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска- Георгиева и Лидија Димковска, лауреати на престижни домашни и меѓународни награди.

Димковска ќе ја промовира својата книга на германски јазик „Пристојна девојка“, објавена од виенскиот издавач „Едиција кореспонденс“.

Овие четворица автори ќе и‘ бидат претставени на германската јавност со каталог од извадоци од нивните дела, преведени на германски јазик. Специјално за годинашното издание на саемот каталогот го подготви издавачката куќа „Готен“ и ќе им биде поделен на учесниците - издавачи, авторски агенции, книжевни агенти кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги.

Mazedonien Schriftsteller Robert Alagjozovski
Македонскиот писател Роберт Алаѓозоски минатата година се претстави во ЛајпцигФотографија: DW

На македонскиот штанд ќе настапи музичарот Зоран Маџиров со мал сет импровизации на шишиња. Посетителите ќе имаат можност да пробаат и македонски вина од сортата вранец. Покровител на штандот е македонското министерство за култура.

Автор: СН/ЖА/дпа/миа/дв

Редактор: Ж. Ацеска