Отворен, затворен, отворен
9 јули 2013По ноќните судири меѓу полицијата и демонстрантите во Истанбул паркот Гези е повторно отворен. На соседниот плоштад Таксим подготвени чекаат водените топови и полицијата. Паркот вчера (08.07.) официјално беше отворен, но неколку часови подоцна беше повторно ограден, за да се спречи таму да се соберат демонстранти.
Притоа полицијата повторно насилно се спротивстави на масата демонстранти. Силите за безбедност вчеравечер во центарот на турската метропола употребија водени топови, солзавец и пластични куршуми. Според агенциски извештаи повеќе илјади демонстранти се обиделе да стигнат до полштадот Таксим и до соседниот Гези парк.
Некои демонстранти поставиле барикади на булеварот Истиклал, кој води до плоштадот Таксим. Тие врз водените топови гаѓале со камења и шишиња. Според информации на очевидци демонстрантите врз полицијата гаѓале и со прачки. Протестното движење соопшти дека биле уапсени повеќе од 80 демонстранти.
Пред новите судири паркот кој стана симбол за протестите ширум земјата, беше затворен од полицијата само неколку часови откако гувернерот на Истанбул објави дека тој е отворен. Очекувајќи нови протести силите за безбедност истовремено го заградија и плоштадот Таксим. Демонстрантите затоа се собраа пред плоштадот и скандираа „Таксми е насекаде, отпорот е насекаде“.
Протести против владата на Ердоган
Гувернерот на Истанбул Хусеин Авни Мутли, според локалните медиумски информации, на отворањето рекол дека илегални собири во паркот нема да бидат толерирани. Во контекст на протестното движење „Таксим солидарност“ тој дополни дека паркот не им припаѓа на поедни групи, туку на сите граѓани на Истaнбул.
Протестите во Турција започнаа поради плановите на владата за градежни интервенции во паркот Гези. Во меѓувреме протестите ширум земјата се насочени пред се' против авторитарната исламистичко-конзервативна влада на Реџеп Таип Ердоган. Во повеќенеделните протести животот го загубија тројца демонтранти и еден полицаец, а околу 7000 луѓе се повредени. Полициското насилство за време на демонстрациите во Турција наиде на меѓународна критика. Европската унија за наесен го одложи отворањето на ново поглавје во преговорите за пристап на Турција во ЕУ.