1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен „Браќа Манаки“

ЕМФ/СТП/миа16 септември 2012

Во Центарот за култура-Битола вчеравечер (15.09) е отворен 33. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој до 21 септември ќе бидат прикажани 74 филмови во девет програмски секции.

https://p.dw.com/p/169tQ
Фотографија: Fotolia/fergregory

Фестивалот за отворен го прогласи македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е и негов покровител. Тој истакна дека е особено горд што оваа година на „Браќа Манаки“  има 28 македонски филмови и што фестивалот ќе биде и отворен и затворен со премиери на македонски филмови – со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и со „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. На двете остварувања им посака успеси на фестивали и проекции низ светот.

„Благодарение на филмската камера мигот станува вечност, минливоста траење, но окото на снимателот е она што на филмскиот запис му дава вистински живот и уметничка бесмртност. Токму преку визијата на снимателот и преку објективот на камерата, играта на светлината останува запишана на филмската лента, како победа на уметничката димензија над минливоста на животот“, рече Иванов.

Лабина Митевска, директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во пресрет на свеченото отворање на фестивалот, за Дојче веле оцени дека годинава е исклучителна за македонскиот филм:

„Сега фестивалот е добро поставен. Но, она на што јас би работела повеќе и би го засилила се - гостите на фестивалот, домашни и странски. Така би го растела фестивалот. За тоа се потребни многу поголеми финансии, сигурно би биле среќни да немаме по една ѕвезда, туку по 2-3. Но, тука има и голем логистички проблем. Прекрасно е што фестивалот се случува во Битола, но има ограничени сместувачки капацитети. Исто така, техниката за прикажување на филмовите во Центарот за култура во Битола не ги задоволува стандардите на еден светски фестивал. Мора да се изгради ново кино. Тие аспекти ги гледам како проблеми“, рече Митевска.

На отворањето на фестивалот вчеравечер беа врачени специјалните награди за особен придонес во филмската уметност – на легендата на француската и светската кинематографија, актерката Катрин Денев, и на австрискиот кинематограф Кристијан Бергер.