1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворена политика кон сите соседи

25 мај 2009

Македонија сака да гради добри односи со соседите е мотото на новиот претседател Ѓорге Иванов. Неделава во посета на Скопје доаѓаат косовскиот и бугарскиот претседател, Фатмир Сејдиу и Ѓорѓи Прванов.

https://p.dw.com/p/Hx8R
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Државниците од Косово и Бугарија не беа на инаугурацијата на новиот македонски претседател Ѓорге Иванов, кој се обидува да промовира политика на добрососедство. Претседателот Иванов заговараше неколкупати отвореност во регионалната соработка. „Република Македонија нема да отстапи од курсот на градење добрососедски односи, ние сме тие што сме од Бога дадени да живееме на овој простор, со овие наши соседи. И затоа -промовираме на отворена политика кон сите соседи“, кажа претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.

Критика поради непоканата на косовскиот претседател

Тој беше критикуван поради тактизирањето дали е и зошто не е повикан косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, на неговата инаугурација во Скопје. „Во секој случај мислам дека не е претседателот тој што треба да се обвини за грешката со поканата. Тоа е работа на Министерството за надворешни работи, тие го организирале целиот настан и тука треба да се најде причината и виновникот зошто ова не е одиграно подобро“.

Тоа „подобро“, како што вели Алберт Муслиу – аналитичар, е токму косовско-македонскиот самит во Скопје, што ќе се одржи неделава. Иванов и Сејдиу ќе разговараат и за забрзување на постапката за воспоставување дипломатски односи. Во Приштина има незадоволство од тактизирањето на македонската влада за размената на амбасадорите и можноста да се почека одлука на Хашкиот суд за правда, каде што Србија бара поништување на независноста на Косово.

Прванов на средба со Иванов

Од друга страна, преку македонско-бугарските односи, претседателот Иванов ќе се обиде да ја придобие членката на НАТО и Европската унија, за натамошно лобирање за евоатланските инспирации на Македонија. Претседателот Ѓорѓи Прванов оствари повеќе билатерални средби во изминативе пет години, во мандатот на Бранко Црвенковски, но не дојде на инаугурацијата на Иванов. Новата средба на највисоко ниво, што треба да се одржи неделава во Скопје, ќе биде шанса да се проверат взаемните политички односи меѓу Бугарија и Македонија.

Неодамна, македонските власти, на индиректен начин ја прифатија и политичко-партиската легализација на Здружението на Бугарите во Македонија - „Радко“, со што се отвора шанса тоа здружение да се конституира евентуално и како легална партија, која би стартувала на наредните избори.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска