1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда на нападите врз израелските возила

14 февруари 2012

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ги осуди нападите врз возилата на израелски дипломати во Индија и во Грузија. Израел смета дека зад нив стои Иран.

https://p.dw.com/p/142vV
Израелската амбасада во ТбилисиФотографија: Reuters

Првиот човек на Светската Организација, Бан Ки Мун, покрај острата осуда за нападите врз дипломатскиот персонал и возила на Израел во Њу Делхи и во Тбилиси, ги повика властите во Индија и во Грузија целосно да ги истражат инцидентите и да ги пронајдат и казнат одговорните.

Вчера (13.02) во Њу Делхи, четири лица беа повредени при експлозија на бомба насочена кон возилото на израелска дипломатка во близина на амбасада на оваа земја во индискиот главен град. Во грузискиот главен град Тбилиси пак, навремено беше деактивирана експлозивната направа поставена на возилото на еден од вработените во израелската амбасада.

Израел го обвини Иран и неговиот либански сојузник Хезболах дека стојат зад овие напади, но и за серија други спречени напади врз израелски и еврејски цели во неколку земји.

„Иран, кој стои зад овие напади, е наголемиот извозник на терор во светот“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, најавувајќи дека нема да бидат толерирани напади врз израелските државјани. Иран категорично ги демантира ваквите обвинувања

Во израелските дипломатски претставништва ширум светот поради стравувања од натамошни напади е воведен највисок степен на тревога.

Вчерашните бомбашки напади многу наликуваат на оние во кои беа убиени израелски нуклеарни научници во последните две години, за кои Техеран го обвини пред се’ Израел, но и САД.

Автор:СН/БГ/ртр/афп/дпа

Редактор:Е.М.Фиданоска