Осуда на бомбашкиот напад во Москва
25 јануари 2011„Членките на Советот за безбедност остро го осудуваат терористичкиот напад изведен во Москва на меѓународниот аеродром Домодедово“, се наведува во соопштението што го прочита актуелниот претседател на Советот, претставникот на Босна и Херцеговина, Иван Барбалиќ. Советот за безбедност изразува и „длабоко сочувство за жртвите на овој грозоморен терористички чин и на нивните семејства, како и на народот и Владата на Руската Федерација“.
„Шокиран сум од терористичкиот напад на најпрометниот аеродром во Москва и остро го осудувам тој ужасен акт“, се наведува во соопштението од генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. „Заедно сме во таа борба, затоа во Советот НАТО - Русија треба да ја продлабочиме соработката во борбата со тероризмот. НАТО ја изразува својата солидарност со рускиот народ и руската Влада“, посочи Расмусен.
Нападот го осуди и претседателот на Европската унија Херман ван Ромпoј, кој на претседателот на Русија Дмитриј Медведев му испрати порака за солидарност од целата ЕУ.
Осуда дојде и од американскиот претседател Барак Обама. Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс, пред новинарите порача: „Остро го осудувам овој акт на тероризам против рускиот народ на аеродромот Домодедово. Сакам да ја изразам солидарноста на американскиот народ со рускиот. Мишел и јас длабоко сочувствуваме со рускиот народ. Решени сме да застанеме заедно со вас во заедничката борба против оние кои го користат тероризмот за нивните политички цели.“ Портпаролот Гибс додаде дека САД се подготвени да и’ понудат на Москва секаков вид на помош во врска со нападот.
Германската канцеларка Ангела Меркел му изрази длабоко сочувство на рускиот претседател Дмитри Медведев, како и на најблиските на жртвите и повредените. И таа како и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле нагласија дека се згрозени од варварскиот чин, што не може со ништо да се оправда.
Истражната постапка покажа дека експлозијата се случила во терминалот за дочекување на патниците во меѓународниот дел на аеродромот Домодедово. Експлозивната направа имала моќност меѓу два и пет килограми ТНТ и била наполнета со парчиња бодликава жица, соопшти официјалниот претставник на Истражниот комитет, Владимир Маркин. Извор близок до истрагата изјави дека терористичкиот напад открил сериозни пропусти во организацијата на системот за безбедност на најголемиот московски аеродром. Руските медиуми јавуваат дека терористот самоубиец е маж со кавкаски изглед, кој влегол во салата за пречек на патниците од меѓународните линии и се кренал во воздух во моментот кога таму имало голем број луѓе.
Автор: ГЧ/ АТ/ дпа/ макфакс/ дв
Редактор: Александра Трајковска