1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда за инцидентите во Струга

28 јануари 2012

По вчерашните протести и инциденти во градот, Комисијата за односи меѓу заедниците од Струга ги осудуваат сите активности што негативно се рефлектираат врз добрите меѓуетнички односи. Во Струга денеска е мирно.

https://p.dw.com/p/13sQr
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Комисијата за односи меѓу заедниците од Струга денеска (28.01.2012) одржа вонредна седница во врска со новонастанатата состојба со меѓуетничките односи во општината. Со цел надминување на овие состојби, комисијата предлага што е можно поскоро да се сретнат градоначалниците на Струга и на Вевчани и да излезат со заеднички став, а претставниците на Струшкото муфтиство со посредништво на струшкиот градоначалник да се сретнат со вевчанскиот градоначалник и организаторите на карневалот. Комисијата бара одржување и на вонредна седница на Советот на општина Струга на која ќе бидат разгледани меѓуетничките односи во општината.

Повеќе инциденти


Од Комисијата истакнуваат дека ги осудуваат сите активности што негативно се рефлектираат врз добрите меѓуетнички односи иапелираат до населението и засегнатите страни да бидат воздржани и да не подлегнуваат на било какви провокации кои може негативно да влијаат на добриот соживот меѓу граѓаните во Струга.

Karneval in Vevcani
Сцена од годинешниот карневал во ВевчаниФотографија: DW/Milco Jovanoski

Во Струга доцна синоќа непознат сторител доцна синоќа го запалил македонското знаме на јарболот пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а друга група пак државното знаме од пред општинската зграда го заменила со муслиманско и албанско знаме. Во временски интервал од само два часа бил каменуван и автобус на вевчанскиот автопревозник „Сприја“ и тоа на излезот од селото Велешта каде што живеат граѓани од албанска националност.

Општина Вевчани реагира

Инцидентите следуваа по вчерашните мирни протести на кои граѓани од исламска вероисповест реагираа на наводните антиисламистички сцени кои се појавиле на годинешниов вевчански карневал. При тоа беше побарано да не се игра со чувствата на муслиманите, но и со чувствата на нацијата.

Во денешната реакција општина Вевчани по протестите и инцидентите се наведува дека Вевчанскиот карневал беше грубо злоупотребен и искористен како политичка алатка за исполнување одредени цели од страна на организаторите и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко. Општината изразува и жалење и осуда за обидот да се нарушат вековните пријателски односи што ги граделе вевчанци со жителите муслимани од струшкиот регион.

Автор: СН/ АТ/ миа/ мф

Редактор: Симе Недевски