1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на тунискиот премиер

ЖА/дв/макфакс.ртре9 јануари 2014

Под притисок на опозицијата, премиерот Али Ларајед, умерен исламист, објави повлекување од функцијата. Роковникот за новите парламентарни избори со тоа ќе биде ажуриран и забрзан.

https://p.dw.com/p/1AnxD
Фотографија: Reuters/Zoubeir Souissi

Тунискиот премиер Али Ларајед се повлекува од функцијата, тој веќе официјално му ја предал својата оставка на претседателот на државата, Монсеф Марзуки, соопшти исламистичкиот политичар денеска на прес - конференција во Тунис.

Тунискиот парламент претходно избра деветчлена изборна комисија којашто ќе ги надгледува изборите коишто ќе се одржат во текот на 2014. година, што треба да претставува клучен чекор кон демократијата по т.н. Арапска пролет пред три години, кога беше соборен деценискиот претседател Зине ал-Абидине Бен Али. Според договорот постигнат пред самиот крај на минатата 2013. година за да се стави крај на политичките блокади, туниската влада се повлекува од должноста и ја предава власта на неполитичкиот преоден кабинет, кој ќе владее до новите избори подоцна годинава.

Изборот на деветчлениот совет е, исто така, клучен дел од договорот со кој ќе бидат надмината повеќемесечната политичка криза меѓу владејачката исламистичка партија Енахдa и секуларната опозиција за тоа како да се догради младата демократија во Тунис.

„Честитки на тунискиот народ за изборот на овие девет членови. Тоа беше тешка задача, но ги надминавме разликите“, изјави потпретседателот на парламентот Мехерзиа Лаабидид по завршувањето на гласањето синоќа доцна вечерта.

Членовите на парламентот деновиве гласаа и за промени на уставот на земјата, а владата и опозицијата веќе се договорија дека преодната влада ќе ја води инженерот и поранешен министер Мехди Џомаа.

Три години по востанието со кој беше соборен автократскиот претседател Зина ел-Абидине Бен али, оваа северноафриканската земја се наоѓа во завршната фаза за воспоставување целосна демократија којашто се смета модел за целиот регион. Младата демократија во Тунис беше загрозена по убиствата на двајцата опозициски секуларни челници кои мината година беа убиени од исламските милитанти, што доведе до прекинување на преговорите меѓу Енахда и опозициските партии. По долги месеци протести, Енахда се согласи да отстапи од власта, но дури кога владата и поголемиот дел од секуларната позиција ќе ги завршат промените на уставот, ќе го утврдат датумот за изборите и ќе ја именуваат изборната комисија.

И покрај тензиите, во Тунис ситуацијата се разликува и е подобра отколку во Египет, Јемен и Либија, земји исто така зафатени пред три години со т.н. Арапска пролет со којашто беа сменети децениските автократски режими, коишто сега се борат со насилства и нестабилноста.

Тунискиот парламент минатиот петок започна да гласа за новиот устав кој ќе помогне земјата да се врати на патот на демократскиот напредок, а се очекува дека гласањето ќе трае најмалку една седмица поради тоа што секој пратеник, а ги има 217, мора поединечно да се изјаснува за сите 146 члена од новиот устав.

Исламистичката партија Енахда, којашто на власт дојде пред две години, и мнозинството од секуларните опозициски партии се договорија дека ќе ја предадат власта на преодната влада до 14-ти јануари, третата годишнина од падот на поранешниот претседател Бен Али, откако ќе го усвојат уставот и ќе го одредат датумот за одржување на парламентарните избори, и ќе ги именуваат членовите на државната изборна комисија.

Првичната расправа за нацрт уставот беше попречена од длабоките поделби околу улогата на исламот во една од најсекуларните земји во арапскиот свет. Меѓутоа, партиите успеаја да ги надминат своите несогласувања. Така, во нацрт уставот се наведува дека Тунис е „слободна земја, независна, суверена, исламот е нејзина религија, арапскиот е нејзиниот јазик, а републиката е државното уредување".

Во Тунис во понеделникот беше потврдена еднаквоста „без дискриминација на сите граѓани и граѓанки“ во својот иден устав, единствен документ во арапскиот свет, иако еднаквоста меѓу половите не е изрично потврдена. Во Тунис жените имаат повеќе права отколку во која и да е друга арапска жена.

Мажите и натаму се привилегирани, особено кога станува збор за прашања од наследувањето. Транзицијата на Тунис главно се одвиваше мирно по бунтот од 2011. година, меѓутоа поделбите меѓу владејачките исламисти и секуларните опозициски партии доведоа до политички застој и политички убиства на некои опозициски челници, критичари на исламистите, што претставуваше закана за демократизацијата на земјата.