1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на министерката за едни е трагична, а за други - консеквентна

ЕМФ/ард10 февруари 2013

По оставката на германската министерка за образование Анете Шаван поради обвинувањата за плагијат, политичари од сите партии ја истакнаа нејзината работа и и‘ изразија почит за донесената лична одлука да се повлече.

https://p.dw.com/p/17bb5
Фотографија: REUTERS

Шефот на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер оставката на Анете Шаван ја нарече „трагична“. Тој за „Пасауер Ноје Пресе“ оцени дека Шаван била „извонреден министер на ова поле“.

Шефот на либералите Филип Реслер исто така изрази жалење што министерката не може да ја продолжи својата работа. „Ние, либералите, извонредно соработувавме со Анете Шаван во сферата на образовната политка и за тоа сме и‘ благодарни. Заеднички постигнавме многу“, нагласи тој, додавајќи дека многу поректо ќе останат поврзани со нејзиното име.

„Таа постави мерила“

И во редовите на нејзината ЦДУ, Анете Шаван беше пофалена за својата работа. Генералниот секретар на Христијанско-демократската унија Херман Грее рече дека Шаван поставила мерила и примери во важна сфера на политиката.

И опозицијата исто така ја фали политичарката на ЦДУ која поради аферата со плагијат на нејзината докторска дисертација поднесе оставка на функцијата. Шефот на Социјалдемократите Зигмар Габриел ја нарече Шаван „многу пристојна и компетентна колешка“ за која му е „многу жал“.

Шефот на пратеничката група на Зелените Јирген Тритин, за вестите на првата германска телевизија, оцени: „Со својот став таа изрази почит кон функцијата која е неопходна“. И Петра Зите од Партијата на Левицата смета дека Шаван докажала свест за одговорност.

Претседателот на Германскиот сојуз за високо образование Бернард Кемпен оцени дека оставката на Шаван е „неопходен и исправен чекор“.

Шаван вчера соопшти дека се повлекува од функцијата министер за одбразование откако универзитетот во Диселдорф и‘ ја одзеде титулата доктор на науки. Политичарката соопшти дека ќе се жали на ваквата одлука и уште еднаш повтори дека во својата дисертација „ниту препишувала ниту мамела“. Сепак, како што нагласи таа, се повлекува за да не и‘ наштети на функцијата министер за образование.