1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ослободена пејачката на „Пуси Рајот“, Аљохина

ЖА/дв/дпа/ртре23 декември 2013

По указот на рускиот претседател Владимир Путин за помилување, на слобода се најде и пејачката на групата „Пуси Рајот“, Марија Аљохина, која поради критика на шефот на Кремљ беше осудена на две години работен логор.

https://p.dw.com/p/1AeyG
Фотографија: Reuters

Една од двете активистки и членки на панк-групата „Пуси Рајот“, кои беа на издржување казна во работен логор, е повторно на слобода. Марија Аљохина денеска е ослободена од затворот, потврди нејзиниот адвокат Пјотр Саикин за руската новинска агенција РИА Новости. 25-годишната Аљохина е на пат кон Москва. Таа заедно со нејзината колешка од групата, Надежда Толоконикова во август минатата година беше осудена на две години затворски логор поради протестен концерт против рускиот претседател Владимир Путин во московската црква „Христос спасителот“.

Денеска би требало да биде ослободена и Толоконикова, соопштуваат нејзините роднини. Аљохина својата казна, двегодишен работен логор поради „богохулство“, ја издржуваше во Нижни Новгород, 450 километри источно од Москва. Толоконикова речиси две години се наоѓа во Сибир. Во март следната година двете жени требаше регуларно да излезат од затвор по издржувањето на казната.

Думата, рускиот парламент, минатата среда даде зелено светло за масовната амнестија предложена од рускиот претседател Владимир Путин, во рамките на која на слобода же се најдат илјадници осудени или обвинети, меѓу кои и многумина политички затвореници, како двете членки на панк-групата „Пуси Рајот“. Од претседателското помилување може да профитираат повеќе од 25 илјади затвореници. Властите имаат рок од шест месеци за спроведување на амнестијата. Официјален повод за неа е 20-годишината од постоењето на рсукиот устав. Аналитичарите во актот на помилување на рускиот претседател гледаат и отстапка на Путин кон Западот, посебно пред претстојните Зимски олимписки игри во Сочи. Деновиве на слобода се најде и Михаил Ходорковски, поранешен моќен нафтен магнат и шеф на „Јукос“, кој десет години помина во затвор.