1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осама бин Ладен остави дупка во Ал Каеда

Даниел Шешкевиц/ Ж. Ацеска2 мај 2012

Со смртта на Осама бин Ладен пред една година терористичката мрежа Ал Каеда загуби водечка фигура. Самата организација одамна се промени. Денес опасноста доаѓа од поединци и ограноци на Ал Каеда.

https://p.dw.com/p/14o1d
Фотографија: dapd

Со акцијата на американските специјални единици на 2. мај во Аботабад во Пакистан заврши потрагата по најбараниот терорист на светот - Осама бин Ладен. Но, Осама, кој постојано предизвикуваше страв со своите закани, одамна имаше ограничено влијание. „Во својата технолошки отсечена куќа во Аботабад тој повеќе беше преокупиран со својата лична безбедност. Осама бин Ладен беше всушност симболична фигура на Ал Каеда, оперативно одамна немаше влијание врз планираните терористички акции“, вели за Дојче веле експертот за тероризам Ролф Топхофен.

Загубена водечка ролја

По 11. септември 2001. година Бин Ладен беше прогонет без засолниште. Симболичната фигура на глобалниот исламски терор стана неупотреблива во оперативните работи на Ал Каеда. Поранешниот богат саудиски финансисер стана ризик кој ангажира огромни внатрешни ресурси. Непосредно по неговата смрт, пакистанскиот добар познавач на талибанците Ахмед Рашид во „Берлинер цајтунг“ прогнозираше: „Стотици џихадисти подготвени на акција ќе тагуваат и ќе се заколнат дека ќе го дадат животот за да го одмаздат Бин Ладен“.

Ehemaliges Versteck von Osama bin Laden in Abbotabad Pakistan
Поранешното скривалиште на Осама бин Ладен во ПакистанФотографија: picture-alliance/dpa

Но мобилизирачкиот ефект на неговата смрт, од кој стравуваа Рашид и безбедносните експерти ширум светот, дури и од исламски аспект изостана, или настана само во ограничен смисол.

Од денешно гледиште, смртта на Бин Ладен, според аналитичарот Гидо Штајнберг, ја погоди Ал Каеда само во еден поглед:

„Она што се промени е целосното исклучување на важна водечка личност и тоа што Ал Каеда до денес не најде адекватна замена за харизмата на Осама бин Ладен“, вели аналитичарот.

На Ал Завахири му недостига харизма

Паѓа во очи пред се‘ натамошното отсуство на идентификувачки водечки личности на кормилото на организацијата. Со Ајман ал Завахири Ал Каеда многу бргу доби личност број еден. Египетскиот лекар уште од 1990-та година важи за заменик на Бин Ладен и дури и пред неговата смрт го сметаат за стратег на терористичката мрежа. Но, нему му недостига харизмата на убиениот претходник.

Aiman al-Sawahiri
Ајман ал ЗавахириФотографија: dapd

„Осама бин Ладен дури и само со својата личност привлече многу млади луѓе од арапскиот и западниот свет“, вели Штајнберг. „Ал Завахири не привлече никого. Него го почитуваат, но не е омилен како Осама бин Ладен“, оценува Штајнберг.

Освен тоа, дојде до промена на тежиштето на силите во Ал Каеда.

„Ал Завахири важи за претставник на влијателното египетско крило, кон кое постои недоверба од страна на другите крила, како Ал Каеда во Магреб“.

Нови и стари центри на гравитација

Загриженоста за сопствената безбедност, претпоставуваат безбедносните експерти, може да води до желбата на новите водечки личности на Ал Каеда да останат невидливи. Освен тоа, се искристализираа нови гравитациони центри на Џихад. Покрај северен и јужен Вазиристан, област во Пакистан на границата кон Авганистан тешка за контролирање, каде се претпоставува дека се наоѓаат многу водечки членови на Ал Каеда, експертот Ролф Топхофен укажува дека трагата и натаму води кон Ирак, „каде живеат командоси на Ал Каеда, но и кон новото скривалиште, Јемен“.

Токму во Јемен вооружените исламисти ги искористија во своја полза политичките нереди и со месеци ги вовлекуваат безбедносните сили во жестоки борби. Ал Каеда во оваа земја успеа да стави под своја контрола цели населби.

Ограноци на Ал Каеда со сопствена агенда

По смртта на Осама бин Ладен голем интерес предизвикуваат други исламски терористички организации, како Боко Харам во Нигерија или Ал Шабаб во Сомалија. Боко Харам важи за радикална исламистичка секта, чија главна цел е воведување исламско право, Шаријат, во многунационалната 160-милионска земја.

Организацијата е одговорна за убиството на повеќе стотици христијани во Нигерија. Ал Шабаб пак, контролира делови на Сомалија и ја презеде одговорноста за тешките бомбашки напади и во други африкански земји.

„Постојат докажани врски кон ограноците на Ал Каеда, пред се‘ во Јемен или Алжир. Но Ал Шабаб или Боко Харам не делуваат целосно по инструкците на Ал Каеда“. Тие имаат сопствена агенда, што не ги прави помалку опасни.

Поединци од Европа

Во Европа пак, се поjaви нов вид исламски инспирирани терористи-поединци. Во нив спаѓа убиениот Мохамед Мерах во Тулуз, кој самиот се нарече муџахедин близок до Ал Каеда. Тој уби седум лица. И во Греманија осудениот на доживотен затвор Арид У. кој на франкфуртскиот аеродром уби двајца американски војници терористичките експерти го вбројуваат во овој нов вид исламски мотивирани поединци кои делумно се радикализираат преку интернет и работат без команда, неорганизирани во ќелии или под директно водство.

Deutschland Anschlag Frankfurt Flughafen 02. März 2011 Prozess
Арид У. осуден за убиство на двајца американски војнициФотографија: dapd

Низ ЕУ се проценува дека ги има околу 400, најголем дел во Германија, Франција, Велика Британија и Белгија.