1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орав: Евроинтеграцијата е долгорочен интерес на сите граѓани

СН/АМ/миа9 мај 2012

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав во обраќањето по повод Денот на Европа порача дека секоја земја којашто ќе избере да и’ пристапи на ЕУ мора прво да ги поддржи нејзините вредности.

https://p.dw.com/p/14sKx
Фотографија: MIA

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Аиво Орав во обраќањето на свечената академија по повод одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа на која присуствуваше државниот врв, дипломатскиот кор и други гости посочи оти, откако се соочи со безбедносната криза во 2001, Македонија имаше драматичен пресврт и од 2005 е една од првите земји на Западниот Балкан која што доби кандидатски статус. Од 2009 година, додаде, земјата доволно ги исполни политичките критериуми од Копенхаген и доби препорака за отворање на преговотри за членство од Европската комисија, а визниот режим беше подигнат на крајот на истата година што прави европската перспектива да се чувствува опиплива и за обичниот народ.

Највисока вредност е високата јавна поддршка за евроинтеграциите

„На вашата земја се гледа од страна на ЕУ како на еден од најраните и вистински успеси на заедничката надворешна безбедносна политика и мислам дека повеќето ако не и сите луѓе во оваа сала тука ќе се согласат дека враќањето на земјата од работ на војната до прагот на пристапни преговори сето ова за помалку од една деценија претставува еден забележителен успех“, рече Орав.

Der Tag der Europaflagge in Mazedonien
Евроамбасадорот Орав и македонскиот претседател Иванов на одбележувањето на Денот на европското знамеФотографија: MIA


Според него, ангажманот на ЕУ во текот на деценијата е исто така конкретен доказ на постојаната посветеност на ЕУ кон, како што наведе,оваа земја.


„Комесарот за проширување, Филе веќе ја посети двапати вашата земја со цел да се ангажира во пристапниот дел на високо ниво. Целта на овој дијалог е да се внесе динамика во реформскиот процес за пристапување кон ЕУ и со тоа да се стимулира европската перспектива на оваа земја. Ефективниот и постојаниот дијалог помеѓу сите политички сили со цел да се задржи широкиот консензус за клучните реформи е неизбежен за земјата да успее на реформската патека. Рамката е воспоставена. Европската перспектива останува водечка сила за реформата. Сепак, на крајот реформите треба да се преземат од ваша страна во долгорочен интерес на државата и сите граѓани и со ЕУ како партнер“, рече евроамбасдадорот.


Според него, најголема вредност на овој процес е високата јавна поддршка помеѓу сите етнички заедници за европската интеграција.


„Ако има тешки денови, сепак е важно луѓето на оваа земја да останат обединети во нивната желба да се приклучат кон ЕУ. Верувам дека ова ќе ви помогне да ги надминете прашањата и предизвиците што стојат пред вас. Интеграцијата на цела Европа нема да се случи во еден ден, но амбицијата останува јасна да се изгради Европа којашто ја почитува слободата на сите народи коишто ја сочинуваат. Да бараме инспирација во креативноста и визијата на татковците основачи на ЕУ и да продолжиме како партнери“, порача амбасадорот Орав.