1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимизам на светската конференција за сидата

ЖА/дв/дпа23 јули 2012

На почетокот на светската конференција за борба против сида во Вашингтон, учесниците и организаторите покажаа увереност за скор напредок во сузбивањето на оваа болест.

https://p.dw.com/p/15dEu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според експерите, можен е пробив во третманот и лекувањето на сидата, особено на полето на вакцината и на превенцијата.

„Сега веќе можеме да ја сметаме сидата за нешто што ванистина можеме да го контролираме“, изјави претседателот на Светската банка Џим Јонг Ким на отворањето, кој е прв на оваа функција кој учествува на ваква конференција. Инаку, една од тежишните тoчки на средбата е и финансирањето на третманот на ХИВ вирусот.

„Конференцијата треба да биде важен момент во борбата против ХИВ вирусот“, изјави пак директорот на Програмата на ОН за борба против сида, Мишел Сидибе на отворањето на средбата, на која учествуваат околу 25 илјади претставници на медицината, политичари и економисти од 195 држави.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во видео порака ги потсети учесниците на договорените цели: до 2015-та година треба да се преполови бројот на новоинфицираните, треба да бидат лекувани 15 милиони инфицирани, а ниедно бебе веќе не треба да се роди со ХИВ вирус.