1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опомена до молчаливите Германци

24 февруари 2012

Со комеморација во Берлин, Германија им оддаде почит на жртвите на десноекстремистичкиот терор. Роднините и канцеларката Ангела Меркел притоа ги најдоа вистинските зборови, смета Александар Кудашеф во коментарот.

https://p.dw.com/p/149Sa

Тоа беше потресна, трогателна церемонија која се „вовлекува под кожата“. Потсетување на десет луѓе, осум Турци, еден Грк и една полициска службеничка, сите жртви на неонацистичка банда. Десничарското трио изврши беспримерна серија убиства во Германија. Не само што убиваше, туку егзекутираше луѓе кои живеат овде, за потоа подбивачки и тонски да ја филмува нивната борба за живот. И тоа остана неоткриено десет години. Недопустлив пример за потфрлувањето на сите германски истражни органи. Зашто, никој во овие години не помисли дека жртвите можеби се убиени од десничарски терористи, патем, ниту медиумите. Така убиените станаа членови на мафијашки банди или други криминални групи, а нивните роднини вклучени во кругот на осомничените, така што не можеа вистински ни да тагуваат. Додека конечно, иако многу доцна и чисто случајно, не беше откриена бандата убијци.

Ден посветен на жртвите

Вчерашниот беше ден посветен на жртвите. На десетте познати жртви на десничарскиот терор. На 25-те повредени и тешко повредени од страна на терористичката тројка. Но, и на сите знаени или незнаени жртви на десничарското насилство, на кои на берлинскиот плоштад Жандарменмаркт потсетуваа 11 запалени свеќи. Тоа беше ден на жртвите и на нивните чувства, за кои тие зборуваа. За нивната огорченост, за болката, очајот, зашто никој не им верувал. Две ќерки кои зборуваа за својата болка, еден татко кој го придружувал својот син во борбата со смртта. Тие раскажуваа за своите душевни страдања едноставно, потресно, трогателно, но исто така директно или индиректно и за својот живот во својата татковина, во Германија, во својата земја, онака како што ја чувствуваат и поимаат.

Alexander Kudascheff SCHLECHTE QUALITÄT
Авторот на коментарот, Александар КудашефФотографија: DW/R.Mestdagh

А таткото на турски јазик и‘ се заблагодари на „својата“ канцеларка за разбирањето и сочувството. Каков гест-толку силен и човечки во својата беспомошност. Тој му се заблагодари и на поранешниот претседател Кристијан Вулф, кој ја иницираше комеморацијата.

Зборуваше канцеларката Меркел наместо претседателот кој неодамна поднесе оставка. Меркел зборуваше со полно сочувство за жртвите, со голема одвратност кон убијците. Со згрозеност токму кон начинот на кој десничарската банда се презентирала себе си на интернет. Со огорченост поради целосното потфрлување на истрагата. Делата се срам за Германија, рече Меркел, а мора да се додаде, срам е и слепилото на властите при истрагата во Германија, нивната едностраност и неспособност.

Вистински потег

Германија вчера се потсети на десетте жртви со комеморацијата во Берлин, но и со минута молчење низ целата држава. Нужен, правилен гест, кој ја покажува длабоката потресеност во која западна земјата. Потресеност поради убиството на граѓани среде германското општество. Потресеност поради неуспехот на истрагата, но и поради тоа што воопшто биле можни вакви убиства. Токму затоа, рече Меркел, општеството, Германија, треба да бидат попретпазливи кон секој вид расизам, непријателство кон странците.

И во политиката, но и во секојдневниот живот. Оној кој сака отворено општетсво, мора да ја победи рамнодушноста кон своите непријатели. Тоа е опомената од вчерашниот ден, тоа е опомената на манифестацијата која никого не треба да го остави недопрен, омената кон молчаливите Германци: сите да се бориме против рамнодушноста.

Автор: Александар Кудашеф

Превод: Жана Ацеска

Редактор: