1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата подготвува заеднички кандидат за претседател

БГ/макфакс2 октомври 2013

Опозициските партии во Македонија, предводени од СДСМ, подготвуваат заеднички кандидат за претседател на државата. Заев вели дека за личноста допрва ќе се разговара.

https://p.dw.com/p/19sxQ
Фотографија: Petr Stojanovski

Иако се’ уште не се знае името на кандидатот за претседател на претстојните претседателски избори, лидерите на партиите од здружената опозиција денеска се договориле да истапат со заеднички кандидат.

„Колку порано го соопштиме името на кандидатот, толку ќе биде подобро кон граѓаните да го дознаат идниот кандидат за шеф на државата, но и неговата платформа. Засега немаме име за кандидатурата и не е коректно при градење вакви ставови да лицитираме со имиња. Веруваме во личност која е подготвена да биде претседател на сите граѓани“, рече по средбата претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој вели дека се утврдува моделитетот за начинот на делување на сите партии од „Сојузот за иднината“, од аспект да бидат попривлечни и да носат повеќе гласови кои ќе донесат до крајната цел, а тоа е да се победи актуелната власт.

„Ако владејачкото мнозинство одлучи заедно со претседателските да има и предвремени парламентарни избори, тогаш дополнително ќе ги градиме нашите ставови, како ние би настапиле како опозициски партии. Од нас не зависи дали ќе има заедно двојни избори, а предвремени парламентарни избори никогаш не и’ донеле нешто добро на Македонија“, рече Заев.

На денешната лидерска средба на опозиционерите се разговарало и за сѐ уште непрочистениот Избирачки список и за Изборниот законик, за кој велат дека требало да бидат донесени со консензус во парламентот.

„Ние нема уште еднаш да легитимираме криминални избори, посебно со оние фантастични 1,8 милиони гласачи, кога знаеме дека во Македонија нема повеќе од 1,5 милиони гласачи. Ако учествуваме на вакви избори, тоа значи легитимирање на сето зло кое ѝ се нанесува на Македонија со криминални избори“, додаде Заев.