1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата го парализираше Банкок

У.Шмит (ард) / Е.М.Фиданоска13 јануари 2014

Десетици илјади противници на власта почнаа со најавените блокади на сообраќајот во Банкок. Тие се распоредени на најважните раскрсници во градот. Со протестите се обидуваат да ја принудат владата на оставка.

https://p.dw.com/p/1ApV7
Фотографија: Reuters

„Јинглак, исчезни“, повикуваат илјадници противници на власта, собрани во паркот Лумпини, во деловниот кварт во Банкок. Премиерката Јинглак Шинаватра за демонстрантите е отелотворение на злоупотреби и лош менаџмент.

„Јинглак мора да поднесе оставка. Таа не знае како се владее, секогаш го има брат и‘ Таксин во позадина“, вели Малаи, која со една пријателка дошла во Банкок од југот на Тајланд. Таа е огорчена поради тоа што животот и‘ се влошил во изминатите години. Цените на каучукот се значително паднати, а таа со семејството живее од каучук.

Thailand Proteste 13.01.2014
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Тоа што владата не е одговорна за светскиот пазар, во овој момент за нејзе не е важно. Премиерката Јинглак мора да си замине, во тоа се единствени сите кои протестираат.

Се‘ дотогаш градот ќе биде парализиран, вели Каниа, која исто така потекнува од југот на земјата: „Продолжуваме со протести се‘ додека премиерката не даде оставка или не ја напушти земјата.“

Блокада на стратешки важните раскрсници

Улиците кои водат до паркот Лумпини се блокирани од демонстранти, исто како што се блокирани уште шест други важни раскрсници во градот. Сепак, Банкок не мирува. Во тајландскиот главен град денеска (13.01) е нешто помирно, но животот продолжува.

За безбедност се ангажирани околу 15.000 полицајци. Во акција е и војската. Сепак, во паркот Лумпини не може да се видат униформи. Владата настојува да постигне деескалација, исто како што беше за време на протестите во декември. Таа сака да избегне каков било конфликт и има намера да спроведе нови избори на 2 февруари.

Thailand Anti Regierung Protest Demonstranten Flagge 13.1.2014
Фотографија: Reuters

Нови избори сега немаат никаков смисол, оценува Сакда, која со мегафон в раце и‘ се обраќа на толпата демонстранти: „Прво мора да се реформира системот. Во спротивно сите избори ќе водат до истата точка.“ Тоа во превод значи дека повторно ќе победат оние што се на власт. Јинглак има мнозинство во земјата. Затоа лидерот на опозиционите протести Сутеп Тауксубан не сака избори.

На повидок нема решение за политичката борба за превласт. Противниците на владата отфрлаат преговори. Тие бараат создавање Народен совет кој на неодредено време ќе раководи со земјата.